Починатиот бил важен сведок на обвинителството за случајот "Машинопромет"

Сведок починал среде судница во скопскиот Кривичен суд на судењето за аферата Машинопромет во која обвинет е претседателот на Соетот на општина Центар, Мирослав Шиповиќ.. Како што вчера дозна Press24 на сведокот му се слошило во судницата. 

Според информациите кои денеска ги објави Дневник, сведокот се онесвестил и паднал на земјата додека зборувал за случајот. Станува збор за магационер во „Машинопромет“ на возраст од 53 години, кој и пред да застане на пултот за сведочење се пожалил дека му е лошо. 

- Во текот на судењето за процесот во јавноста познат како „Машинопромет“ на еден од повиканите сведоци кој давал исказ му се влоши здравствената состојба. Со оглед на тоа што во Основниот суд Скопје 1 и во целата судска палата не постои медицински центар што може во истиот момент да интервенира, од страна на судската полиција веднаш е повикана екипа на Брза помош која пристигна на самото место и го презела сведокот - вели Паула Божиновски, портпарол на судот. 

Иако Брзата помош се обидела да го реанимира, кога бил однесен во болницата „8 Септември“ немал срцева реакција, а лекарите еден час се обидувале да го вратат во живот, но за жал не успеале.

Магационерот бил важен сведок на обвинителството за овој случај. Засега не е познато дали тој и порано имал некакви здравствени проблеми. Ова не е прв смртен случај за време на некоја судска постапка во земјава. 

27.08.2014 - 10:26
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа