„На овој голем ден ја потврдуваме определбата за заеднички напредок" - честитка од претседателот Иванов

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, упати честитка до Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и до сите верници од православна вероисповед, по повод христијанскиот празник Успение на Пресвета Богородица.

- „Ваше Блаженство, дозволете ми, Вам лично, на сите верници од православна вероисповед, на членовите на Светиот архијерејски синод, на преподобното свештенство и монаштво, да Ви упатам искрени честитки по повод големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица.

Одбележувајќи го денот посветен на мајката Божја споменуваме за вредностите на скромноста, трпеливоста, човечноста, споделувањето на радоста и тагата и подавањето рака на секому кому му е потребна. Празнувањето на успението на Богородица значи празнување и почитување на семејството и семејните вредности, на разбирањето и љубовта кон ближните и подготвеноста за надминување на искушенијата. Негувајќи ја традицијата, години наназад, го славиме денот на Мајката и заштитничката, молитвеницата и закрилницата на сите христијани следејќи ги начелата кои нè прават човечни и се извор на нашата духовна сила. На овој голем ден ја потврдуваме нашата определба за заеднички напредок, за слога, за почитување и разбирање на сите граѓани на Република Македонија.

Ваше Блаженство, честитајќи Ви го големиот христијански празник Ви посакувам добро здравје и духовен мир. На верниците од православна христијанска вероисповед им посакувам мир и спокој, опкружени со своите најблиски и исполнети со радост“, се наведува во честитката од претседателот Ѓорге Иванов.

27.08.2014 - 12:47
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега