Државата со пакет мерки за спречување на жолтицата во училиштата

Досега се регистрирани вкупно 119 лица заболени од жолтица. Најмногу е погоден градот Скопје, дури 83 лица, па потоа следува Штип, со 36 лица, а поединечни случаи има и во Гостивар и Куманово. 

Само вчера се регистрирани нови пет лица.  

На синоќешната седница на Комисијата за заразни заболувања е донесена одлука од денес па во следните неколку дена од Здрвствениот и Просветниот инпекторат да излезат на терен и да проверат на какво ниво е хигиената во градинките и училиштата пред почетокот на учебната година.

Ова го истакна д-р Жарко Караџовски, кој додаде дека првиот училишен час ќе започне со процес на миење на рацете, предавања за лична хигиена, начин на пренесување на вирусната жолтица, како и начини на превенција.

- Во Скопје и Штип каде е прогласена епидемија на жолтица ги задолжуваме директорите на училиштата да превземат одредени мерки и активности за хигиената во училиштата, на лицата одговорни за хигиена да им се објасни како и на колку време треба да се чистат и дезинфецираат тоалетите, односно пред почетокот на часовите, за време на големиот одмор и по часовите, нагласи Караџовски.

На влезот пред секое училиште, посочи тој, ќе има поставено т.н. дезбариера, и учениците пред да влезат во образовните објекти, ќе бидат задолжени да ги натопат, односно да ги дезифенцираат своите обувки.

Исто така на синоќешната седница, било донесено и одлука со која локалните самоуправи се задолжуваат да спроведуваат задолжително миење на улиците со цистерни со голем притисок, а посебно во општините каде веќе има пријавено епидемија.

- Локалната самоуправа на Штип е задолжена да постави и информативни табли на кој ќе пишува дека водата не е за пиење, на оние места каде што има непроверена вода за пиење, додаде тој.

Караџовски најостро ги демантираше шпекулациите дека болеста се пренесува преку вода за пиење, нагласувајќи дека хепатитот А се пренсува по контактен пат, односно преку нечисти раце.

Тој апелираше за зголемување на личната и колективната хигиена, како најважен начин за превенција од жолтица.

28.08.2014 - 13:44
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега