Владо Јаневски го затвори битолското културно лето „БитФест“

Со промоција на документарниот филм „Битола град сцена“, целовечерен концерт на Владо Јаневски и изложба „БитФест низ фотографии“ од авторот Сашо Ристевски, синоќа заврши манифестацијата битолско културно лето.

Од 27 јуни, кога во старата битолска чаршија премиерно беше прикажан мултимедијалниот проект „Камера“, се до синоќешното затворање во античкиот театар Хераклеа, на повеќе локации во градот беа реализирани 270 проекти на кои настапија уметници со различен профил од државата и странство.

-„БитФест“ е манифестација која што со својот концепт се прослави надалеку и не само во Македонија, туку и во други држави. Во фестивалот вклопивме многу фестивали и затоа „БитФест“ стана нешто престижно, феномен кој со своите 270 настани можеби сам по себе е светски рекорд. Верувам дека наредното, десетто јубилејно издание на „БитФест“ ќе биде уште подобро, истакна градоначалникот Владимир Талески на синоќешното затворање на битолското културно лето.

Последниот фестивалски ден понуди документарен филм на тема „Битола град сцена“, целовечерен концерт на Владо Јаневски и ретроспективна изложба со 150 фотографии што ги изработи фоторепортерот Сашо Ристевски.

- Иако беше тешко од голем број на настани и илјадници фотографии да се изберат најдобрите и најубавите, сепак мислам дека успеав да понудам впечатлива селекција на слики кои ја прават големата слика за „БитФест“. Секоја фотографија сведочи за секој културен настан, а јас повеќе сакав да ги сликам вечерните манифестации бидејќи работам без блиц, без светлина и на тој начин сакам да го доловам и прикажам тоа што се случува, посочи Ристевски.

Битолското културно лето „БитФест“ се одржа со средства на локалната самоуправа и под покровителство на градоначалникот Владимир Талески.

30.08.2014 - 10:30
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега