Трет „Т’к Так фест“ во Кавадарци во спомен на Трајко Каров

Во Кавадарци вечер ќе се одржи третиот фестивал „Т’к Так фест“ на кој ќе настапат македонски изведувачи и групи. Фестивалот  се организира во спомен на тапанарот Трајко Каров и ја продолжува неговата мисија - да промовира само македонска музика и млади бендови.

На годинашниот „Т’к Так фест“ ќе настапат „Нокаут“, новинарскиот рок-состав „Репортерс“, минатогодишните победници - бендот „Ептен“, младите кавадаречки рок-надежи „Џоа бенд“, како и диџеите Фрик и Лако. Со 45-минутно стендап шоу премиерно во Кавадарци ќе настапи актерот Сашко Коцев.

Покрај ревијален, фестивалот и оваа година ќе има натпреварувачки дел на кој демо бендовите од Македонија ќе се тркаат за гран-при наградата „Трајко Каров“, која е во вредност од 30.000 денари и се доделува на најдобриот тапанар.

- Чест и задоволство ни е што и годинава ќе имаме можност да им понудиме на кавадарчани, но и на граѓаните на цела Македонија, одлична забава. Имаме одлична програма, со интересни и звучни имиња, шоумени и врвни музичари, соопшти организацискиот одбор на „Т’к Так фест“, кој ќе почне во 21 часот на базенот „Ал Пачино“ во Кавадарци. 

30.08.2014 - 10:41
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега