Аматерската хајка на Заев ја сруши неговиот сведок

Откако сведокот на СДСМ Јовица Стефановиќ, познат како газда Нини вчера сведочеше против СДСМ и во корист на премиерот Никола Груевски, денеска во основниот суд Скопје 2 продолжи рочиштето од судскиот процес во кој Груевски го тужи Зоран Заев за клевета и навреда.

На вчерашното рочиште, Нини, кој беше сведок од страна на Заев, јавно призна дека нема вистина во обвинувањата од страна на најголемата опозициска партија и сведочеше против тврдењата на Заев.

-Бев непријатно изненаден кога ме повикаа да сведочам. Не се познавам ни со Груевски ни со Заев. Со премиерот се немам видено никогаш во живот. Ниту за македонска банка сум имал разговор со него, а и немав потреба за тоа бидејќи акциите беа продадени на берза и можеше да ги купи кој сака, рече Нини.

Според познавачите, станува збор за редок судски случај во кој носителот на главните обвинувања, лидерот на опозицијата, своите обвинувања ги темели површно и без конкретни докази, што и всушност се докажа со сведочењето на главниот нивни сведок Јовица Стефановик- Нини, кој недвосмислено рече дека не се познава со Груевски и дека ниту со него ниту со било кој друг посредувал во случајот Македонска банка, пишува Курир.

-Си има брокери кој го работат тоа. Продавачот јас не го познавам. Јас незнам кој бил сопственик на акциите ниту сум можел тоа да знам, рече Нини, што беше причина дури и медиумите кои во јавноста важат за блиски до СДСМ да излезат со наслови, „Нини го “закла“ Заев на судењето во случајот Македонска банка“.

Ваквиот расплет на настаните во адвокатските кругови се коментира како аматерски обид на водење на политичка хајка која е незаснована на вредни докази и аргументи, туку на измислени работи и невистини. Она што остава дилема е тоа дали ова е гаф на тие што му ја смислиле стратегијата на Заев да влегува во вакви хајки или лош совет на адвокатскиот тим, кој самиот Заев го доведе до ваква политичка незгодна ситуација.

Експертите тврдат дека станува збор за политичка незрелост и немање капацитет на реална проценка на лидерот на опозицијата кој се ослонил на ваква аматерска политичка хајка која се распрсна како меур од сапуница и тоа преку исказите на сведокот на СДСМ кој сведочеше против нив.

-И во Македонија постојат бројни структури кои неуморно, 24/7 работат на конструирање „случаи“ во кои централен, главен лик на напад е претседателот на Владата на РМ, Никола Груевски. За среќа, овие структури, своите „случаи“ ќе треба да ги докажуваат во правниот/судскиот систем на земјата. А токму таму, денес, главниот сведок во случајот „Македонска банка“ јавно негираше пред судот каква било инволвираност, познанство или друг вид на контакт со страните во судскиот спор со што практично станува јасна правната разврска на целиов случај. За среќа, политиката, освен „тежата“ која ја создава и која најчесто знае да биде бескрупулозна и неправедна, има вистинска противтежа во системот, правото и правдата, кои служат како системски коректив и филтер за прочистување од валканите политички води, истакна професорката Татјана Каракамишева Јовановиќ. 

Приватната тужба премиерот Никола Груевски ја поднесе по прес-конференција на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој презентираше аудио-снимка од телефонски разговор во кој, наводно, се договара продажба на Македонска банка за кеш.            

 

 

02.09.2014 - 10:54
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега