Бесими го посети МВР

Напорите за реформа на полицијата, усогласувањето на националното законодавство со правото на ЕУ во делот на политиките за азил, миграцијата и надворешните граници, борбата против организираниот криминал и спречувањето на трговијата со луѓе, беа некои од темите на кои денеска разговараа вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска.

Бесими со својот тим беше во работна посета на Министерството за внатрешни работи (МВР) по повод претстојниот есенски Извештај од Европската комисија, а во рамки на ЕУ Агендата 2014 на Секретаријатот за европски прашања (СЕП).

Како што соопшти СЕП, на средбата стана збор и за реформите во областа на внатрешните работи со посебен акцент на поглавјето Правда, слобода и безбедност, сфери кои се од клучно значење за евроинтеграцискиот процес на земјата. Се дискутираше и за активностите предвидени со Националната програма за усвојување на правото на ЕУ (НПАА).

Се разговараше и за степенот на искористеноста на средства кои стојат на располагање преку ИПА кои се клучни за реализација на реформите во полицијата. Во рамки на ИПА 1 во период од 2007 до 2013 година подготвени се осум проекти во вкупен износ од 38,3 милиони евра. Средствата се наменети за реконструкција на полициски станици, модернизација на полициските едниници на локално и регионално ниво, унапредување на почитувањето на човековите права во затворите и др.
 
Бесими истакна дека МВР е една од институциите што успешно ги искористуваат европските фондови наменети првично за подобрување на животот на граѓаните во Македонија, но се од клучно значење и за приближување на земјата кон ЕУ преку вложување во социо-економскиот развој и усогласување на законодавството.

Беше истакнато дека Македонија и во најновиот Извештај на Стејт Департментот е рангирана во групата  ТИЕР 1 – држави кои целосно ги исполнуваат стандардите за борба против трговијата со луѓе. Континуирано функционира СОС телефонската линија, при што од јануари оваа година 135 лица се обратиле со цел да добијат информации, емоционална и психо-социјална поддршка и асистенција. Продолжуваат и успесите на домашно и регионално ниво, усвоена е Национална стратегија, во првите шест месеци од 2014 година МВР и Царинската управа запленија 100,197 килограми марихуана, 11,535 килограми хероин, 274 грама кокаин, 96 таблети метамфетамин, 1,36 килограми амфетамин, 151 таблета екстази и 66 парчиња ЛСД.

Серијата работни посети „ЕУ - ИПА Институционална Координација“ на Бесими ќе продолжи со сите институции корисници на ИПА фондови и имплементатори на НПАА, со цел непосредно информирање за сите аспекти од користењето на ИПА, имајќи ги предвид прашањата на програмирање, техничко спроведување, мониторинг, известување, исполнување на предуслови за успешно спроведување на проектите/програмите, како и аспекти на системот на управување, институционален и административен капацитет, почитување на процедурите за користење на овие средства, функционирање на координативни механизми, како и разгледување на статусот на реализација на активностите предвидени во НПАА.

02.09.2014 - 14:17
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега