Апелација одлучи: Две години затвор за Владо Бучковски

Со пресуда на Апелацискиот суд во Скопје поранешниот премиер Владо Бучковски  е осуден на две години затвор за предметот познат како „Тенковски делови“.

Како што соопшти Основниот суд Скопје 1, од Апелацискиот суд Скопје е доставена пресуда со која жалбата на Основното јавно обвинителство Скопје се одбива како неоснована, додека жалбите на обвинетите В.Б., М.С., Н.М., А.Ѓ. и М.П., делумно се уважуваат.

- Пресудата на Основен суд Скопје 1 - Скопје К.Бр.694/10 од 01.07.2013 година, се преиначува само по однос на одлуката за кривичната санкција така што обвинетиот В.Б. од Скопје кој со првостепена пресуда е огласен за виновен за кривичото дело „Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.355 ст3. вв со ст1. од КЗ, согласно со чл. 4,32,33,35 и 39 од КЗ“, се осудува на казна затвор во траење од две години, стои во соопштението.

Првично на 1 јули 2013 година Основниот суд го осуди поранешниот премиер со казна затвор од три години.

Казната му е намалена и на поранешниот началник на Генералштабот на АРМ, Методи Стамболиски кој исто така беше осуден на три години затвор.

- Апелацискиот суд за него пресуди казна затвор во траење од две години, во која му се пресметува и времето поминато во притвор, се посочува во соопштението од Основниот суд Скопје 1.

02.09.2014 - 21:42
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега