Заев им се сврте на своите адвокати: Кај ви текна Газда Нини да биде сведок?

Кој е виновникот за пласирањето на лажната сторија за Македонска банка? Поталот Курир пишува дека лидерот на опозицијата Зоран Заев самиот се доведе во мат позиција, а сега бара виновници за наводната афера која беше темелена површно и без конкретни докази.

Според Курир, по се’ поизвесниoт епилог од судкиот процес каде Заев е тужен за клевета и навреда, првиот човек на опозицијата, започнал да ги бара виновниците меѓу колегите од раководството, ПР тимот и адвокатскиот тим. Причина за ова е аматерскиот обид на водење на политичка хајка за која се покажа дека е незаснована на вредни докази и аргументи, туку на измислени работи и невистини, што всушност се потврди со сведочењето на главниот сведок на СДСМ, Јовица Стефановиќ- Нини.

Според познавачите, останува дилемата дали ова е гаф на тие што му ја смислиле стратегијата на Заев да влегува во вакви хајки или лош совет на адвокатскиот тим, кој самиот Заев го доведе до ваква политичка незгодна ситуација.

Лидерот на СДСМ посебно бил револтиран од барањето на СДСМ Газда Нини да биде сведок, чекор кој се покажа како погубен за Заев и беше причина дури и опозицискиот „Слободен печат“ да излезе со наслов „Газда Нини го “закла“ Заев“. По замерките на Заев на сметка на адвокатскиот тим за пропустот со сведочењето на Стефановиќ, еден од адвокатите, според извори на Курир, забележал дека тие не можеле да знаат каков ќе биде исказот на Нини, дијаметрално спротивен од тврдењата со кои биле убедувани адвокатите, а се покажаа како целосно неточни со сведочењето на Нини.   

Експертите коментираат дека ваквото промашување и неуспешен аматерски обид за политичка хајка е уште еден доказ за пристапот и карактерот на СДСМ и нивниот претседател. Професорката Тања Каракамишева-Јовановска смета дека  кога се обелоденуваат некакви афери,  сето тоа мора да има правна поткрепа.

-Не можете со монтирани случаи да дојдете до победа односно до високо посакуваните места во политиката. Ова дефинитивно остава уште еден негативе печат врз СДСМ со оглед на тоа што граѓаните и онака не им веруваат. Доколку им веруваа, ВМРО-ДПМНЕ немаше да освои над 200.000 гласа бидејќи аферата беше обелодената во периодот меѓу двата изборни круга, така што беше сосема јасно дека требаше да ја намалу довербата на граѓаните за ВМРО-ДПМНЕ на Парламентарните избори. Но тоа не се случи, заклучи Каракамишева.

Таа додава дека сето ова ќе се одрази многу негативно на политичката кариера на Зоран Заев но и врз сите оние кои делуваат на ваков начин на политичко купување на довербата на граѓаните.

Аналитичарот Ивица Боевски вели дека уште кога била лансирана таканаречената афера, сметал дека станува збор за краен политички аматеризам и за потег кој ќе му се скрши од глава на оној што го иницира.

- Заев тука се покажа како очајник, како човек кој од фиока вади некои нешта кои што треба да го сменат мислењето на граѓаните и беше сосема јасно дека тоа беше еден ќор фишеk кој на крајот ќе им прсне во лице  на оние кои го иницирале и тоа се случува. -Целокупната јавност беше подготвувана за некоја сензација и на крајот се случи она што беше сосема очигледно дека ќе се случи, односно дека СДСМ испукале еден ќор фишег и се потпреле на некои чудни аудио-ленти кои што не се предмет на анализа на било кој што претендира да биде премиер, претседател или водечка фигура како што тоа треба да биде лидерот на СДСМ, вели Боцевски.

На денешното рочиште на судскиот процес за клевета каде премиерот Груевски бара 50 илјади евра оштета за невистините кои лидерот на опозицијата ги изнесе околу продажбата на "Македонска Банка" се очекува адвокатите на двете страни да ги дадат своите завршни зборови. По ова на судскиот совет му останува да ја донесе пресудата и да го  закаже термнинот кога ќе ја соопшти својата одлука.

 

 

03.09.2014 - 10:56
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега