Ќе се истражува археолошкиот локалитет во струшко Радолишта

Струшкиот музеј „Д-р Никола Незлобински“ деновиве по повеќе од 30 години ќе почне со истражувачки и конзерваторски работи на локалитетот на ранохристијанската базилика во село Радолишта, информира директорот Сашо Цветкоски.

Подготовките, како што истакна, се завршени и штом ќе дозволат временските услови ќе почнат со активностите. Приоритет за оваа година, нагласи Цветкоски, е утврдување на состојбата на мозаикот на оваа ранохристијанска базилика, бидејќи повеќе години немаат увид на неговата состојба.

- Од 1976 до 1978 година и во 1981 година имало интервенции на мозаикот. Тогаш тој е конзервиран, но од тогаш до денеска нема никаков увид. Ние ценевме дека тоа е од исклучителна важност да ја провериме состојбата и резултатите. Од информациите што ќе ги добиеме заедно со конзерваторите веќе за следна година да изготвиме еден проект. Да видиме ако треба да го санираме дополнително ако треба да го реконзервираме и тогаш веќе ќе размислуваме и за негова целосна презентација. Без постапка на утврдување на состојбата ние не можеме да пристапиме кон тоа, изјави директорот на струшкиот Музеј Цветкоски.

Тој смета дека ранохристијанската базилика во Радолишта, како и другите архолошки наоѓалишта во Струга и Струшко треба да се стават во туристичката понуда.

03.09.2014 - 10:56
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега