Аутлет саем во Скопје - цени намлени и до 1000 евра


Фрижидерите и гарнитурите на аутлет саемот се најбараната роба, а продавачите велат дека се продаваат како алва, само викендов речиси сите фрижидери веќе се продадени, пишува Вечер

Попустите на Аутлет саемот за мебел ги изненадија граѓаните кои очекуваа овој саем да биде како и редовните каде што практично цените се исти на експонатите со оние во продавниците. Намалените цени на изложениот мебел кај некои експонати достигнуваше и над 1000 евра, а попустите се движеа од 10 до 50 проценти. На саемот може да се најде се, од мебел за опрема на едно домаќинство, аголни гарнитури, спални, троседи, плакари, трпезариски маси и столови, бела техника, теписони. Сепак и покрај големите попусти овие цени се достапни само за граѓаните со подлабок џеб бидејќи свои штандови имаат фирми кои држат највисоки цени на пазарот за мебел. Па така ако некој планирал да потроши околу 20 илјади денари за гарнитура тука тешко дека ќе ја најде бидејќи и со снижени цени тие се над 30 илјади денари. Сепак посетителите што вчера ги затекнавме на саемот велат дека се задоволни од цените бидејќи истите експонати во продавниците чинат многу поскапо.
- Мислам дека стварно е многу евтино, има и за богати и за сиромаси, 550 евра е многу убава спална која со душек достигнува до 700 евра инаку со душек кај нив во салон е 1000 евра, вели Петковска Милица.

И пензионерката Веселинка Гиовска вели дека е задоволна од цените на саемот.
- Пристапни се цените и одговараат и за оние со потенок џеб. Јас сум пензионер, но сум задоволна од цените, ме интересира душек и детски креветчиња, видов еден душек кој чинеше 12 илјади денари и еден со послаб квалитет до 5 илјади денари, вели Гиовска.
Орде Крстевски, пак, сака да си купи кујна и тросед. За него, цените што се до 30 илјади денари се прифатлива над таа цена му е скапо.

Изложувачите на мебел велат дека викендов имало голем интерес од граѓаните за Аутлет саемот, а се очекуваат гужви и во вторник и петок кога пензионерите имаат бесплатно возење со Градски. Роба се купувала уште викендов, а најголем интерес има за гарнитурите кои се расклопуваат за спиење и за фрижидерите.
- Најголем интерес има за аголни гарнитури двосед и тросед се бараат и фотелји од различен штоф, тоа што најмногу ги интересира е да има подобар квалитет и да биде на расклопување, како што е трет ден има доста побарувачка, а веќе имаме продадено аголна гарнитура на спуштање која и најмногу се бара бидејќи луѓето сакаат да биде прилагодена и за спиење, раскажува Дијана Бадаровска

Поинаква е ситуацијата со белата техника, ако гарнитурите се нови, неоштетени и воопшто не наликуваат на аутлет белата техника била или на излог или има одредени напукувања, но затоа е доста поевтина и најмногу се купува.
- Нудиме аутлет со постар модел малку оштетени, но функционални апарати кои стоеле на излог и задоволството е обострано бидејќи граѓаните добиваат евтино, а ние ги продаваме експонатите кои долго време стоеле изложени, вели продавач на бела техника.

Од фирмите-изложувачи велат дека пресудно да понудат доста пониски цени на саемот било и што саемскиот простор им е изнајмен за пет пати пониска цена отколку на редовен саем.
- Се одлучивме да изложиме бидејќи прво сме членки на кластерот на дрвна индустрија на Македонија и кластерот ни овозможи покрај редовниот саем што се случуваше во март месец да се направи пробно аутлет за да ја видиме успешноста. Има интерес од граѓаните и купуваат и прават договори, добро поминавме викендов се продаде една гарнитура, маса, а доста прашуваат и за кујните, изјави Даниел Трајковски. 
Аутлет саемот за прв пат се организира во Скопје и ќе трае до 16 јуни, а влезот е бесплатен.

 

Производ

редовни цени

промотивни цени

аголна гарнитура

58.000ден.

35.000ден.

кујна медијапан

104.500ден.

73.800ден.

рустик кујни

344.000ден.

258.000ден.

еко кожа гарнитура

42.000ден

33.000ден

душек

12.000ден.

10.000ден

комода детска

6.270ден

3.800ден

сандаче за чевли

7.500ден.

6.000ден.

Плакар за спална

28.000ден.

22.000ден

спална

58.000ден.

45.000ден

трпезариска маса

16.000ден.

12.600ден.

алфа плам печка

10.100ден.

9.090ден.

перална Горење

23.990ден.

21.591ден.

фрижидер Горење

28.000ден.

16.800ден.

теписи

5.000ден.

3.000ден.

плазма ТВ

22.900ден.

18.320ден.

дрвени маси за двор

11.000ден.

8.000ден.

 

најчитано сега