Заокружена и втората сезона од „Аква паркот“

Со завршувањето на летната сезона, менаџментот на спортскиот центар „Борис Трајковски“ одлучи денеска да ја заокружи и втората сезона од работењето на градскиот Аква парк, кој е во рамките на овој објект.

- Втората година во градскиот Аква парк помина и подобро од она што очекувавме. Иако, реално, летото не беше баш со високи температури и вистински жешки денови, сепак, граѓаните ја одбраа оваа локација. Со самото отворање на единствениот Аква парк во градов, скопјани освен што добија нова забава, имаа можност и да ги уживаат содржините кои се во склоп на овој објект. Сезоната ја започнавме во месец јуни и до денес имавме повеќе од 30 илјади посетители, изјави директорот на СЦ „Борис Трајковски“, Златко Перински.

Аква паркот е добро познат на сите граѓани од Македонија, но и од околните држави, кои некогаш доаѓаат во Скопје, само поради забавата која им се нуди на оваа локација. На површина од 12.000 м2 овој  Аква парк содржи 10 тобогани, базен за деца, базен со бранови, мрзлива река, административна зграда со ресторан, три кафе-барови, санитарни јазли, соблекувални и прва помош.

За наредната сезона се најавуваат нови содржини кои ќе ја зголемат понудата на оваа летна локација, а дотогаш на сите ќе им бидат достапни останатите услуги од СЦ „Борис Трајковски“ кои можат да се користат во текот на целата година.

04.09.2014 - 12:26
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега