Охрид наскоро ќе стане градот на палмите!

Во ноември минатата година, во Охрид беа засадени влакнести пални, со цел градот да го добие имиџот на град на палмите, изјави Жарко Караџоски претседателот на јавното претпријатие  ЈП „Македонски Шуми“.

Во тек е процедурата на  ЈП „Македонски Шуми“ за изнаоѓање понудувач кој ќе набави 1 100 садници влакнеста палма, од кои еден дел е предвидено да бидат засадени и во Охрид.

- Зошто Охрид да не биде препознатлив по палмите. Водно некогаш беше само камен предел, немаше дрва а сега е познат по богатата шума каде веќе има и жичара. Нашите стручни служби извршија анализи и беше донесен заклучок дека во Охрид треба да се засади овој вид, влакнеста палма која издржува и на температури и до минус десет степени, изјави на почетокот на ноември Караџоски.

Во текот на зимскиот период палмите беа заштитени со најлонска обвивка, но и покрај благата зима, по отстранувањето на обвивките од палмите останаа само нивните корења. Поголемиот дел од растенијата, како што беше објаснето од страна на претпријатието „Охридски комуналец“, задолжено за нивно одржување,  беше отстранет затоа што бил исушен или оштетен, што наведува на заклучокот дека и покрај настојувањата палмите да опстојат во Охрид тие тешко се прилагодуваат на овдешните услови.

Голем дел од граѓаните уште при нивното садење коментираа дека идејата Охрид да стане град на палмите е неиздржана и дека на градот му се потребни автохтони растенија.

- Палми има во секој приморски град затоа што климата е поразлична од охридската. Овде тие тешко ќе опстојат, тоа ти е како да однесеш африканци на Сибир и да тврдиш ќе се прилагодат на условите, коментираа охриѓани.

Со слични размислувања се и дел од стручнте лица кои потенцираат дека палмите се медитерански растенија за чие опстојување потребна е соодветна клима и почва.

 

- Градските зелени појаси треба да содржат автохтони растенија кои пред се ќе ја вршат примарната улога, а тоа е да го прочистуваат воздухот и да дојдат до израз нивите еколошки функции. Палми и слични растенија треба да се садат во ботанички градини, велат тие.

Од ЈП Македонски шуми- Охрид со краток коментар дека доколку  надлежните во Скопје одлучиле да набават и садат палми во Охрид тоа и ќе се реализира. Се воздржуваат од коментар дали посадените палми во Охрид успешно напредуваат и се развиваат. Кажуваат дека во Гевгелија и Дојран тие многу подобро се адаптирале на условите и климата.

И додека се настојува на Охрид да му се наметне новиот имиџ „ Град на палми“, од охридските улици во два наврати беа отстранети липите , кои опстојуваа со години и по кои градот со децении беше препознатлив.  

04.09.2014 - 13:05
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега