Во Велес стартуваше „Спортскиот Бон-тон“

Во организација на Геостратешкиот институт  ГЛОБАЛ, а под покровителство на претседателот Ѓорге Иванов и амбасадорот на САД Пол Волерс, а во соработка со велешкиот градоначалник Славчо Чадиев, денеска на градскиот стадион во Велес беше означен стартот на  третите  “Традиционални спортски игри Спортски Бон-тон“ наменет за основците од земјава.

Во рамки на проектот кој ќе трае во наредните неколку месеци, денеска на градскиот стадион во Велес учествуваа 150 деца од Велес, Маврово-Ростуше, Ново Село, Охрид, Свети Николе и Карпош.

Како што појасни Иван Анастасовски од ГЛОБАЛ целта на проектот е да се промовира Спортски Бон тон како модел на интегрирање на децата од школска возраст во системот на спортување, дружење и меѓусебно запознавање.

Тој појасни дека децата за првпат се соочуваат со вакви игри  и затоа најпрво  им ги објасни како тие се играат.

- За нас посебно е важно бидејќи игрите имаат натпреварувачки карактер, а целта на проектот е правилата на луѓето кои не се цврсто зададени да ги менаџираат самите деца и на крај ќе се бодуваат најдобрите. Со тоа преку ова воедно ќе го негуваме фер плејот меѓу заедниците во Македонија и да ја задржиме традицијата, а што за нас како ГЛОБАЛ е најважно, потенцира Анастасовски.

Како што појасни претседателот Ѓорге Иванов целта на оваа манифестација е децата од неколку општини да се среќаваат и заедно да спортуваат, а овој трет циклус е посветен на традиционалните спортски игри и да се потсетат какво детство имале нивните родители, со какви игри спортувале и како се натпреварувале.

- Целта е јасна децата да се научат да спортуваат, да се дружат, да комуницираат и да се запознаваат едни со други затоа што ретко имаат можност да посетат места во другите општини во Македонија каде има различни игри, потсети претседателот Иванов.

Тој рече дека преку овој проект има за цел децата да се запознаваат и почитуваат меѓусебе и имаат разбирање за различноста која постои во нашата држава и да учат како да спортуваат бидејќи она што ќе го научат во спортот ќе им треба во животот.

Амбасадорот на САД Пол Волерс во изјавата за медиумите рече дека оваа е одлична манифестација за спортување и пријателство меѓу децата. Посакувајќи им многу успеси на сите учесници, Волерс рече дека и тој се потсетил преку нив на некои детски спортски игри од своето детство.

Велешкиот градоначалник Славчо Чадиев  искажа задоволство, бидејќи од Велес годинава стартува оваа манифестација, во која се вклучени децата од Велес, што ќе значи и нивна забава, но и продолжување на традициите во спортот.

04.09.2014 - 14:37
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега