Пленарната седница за буџетот тече во најдобар ред

Собранието на Република Македонија денеска на пленарна седница ја почна расправата по дополнетиот ребаланс на Буџет за 2014 година.

Пратениците од владејачкото мнозинство искажаа поддршка на предложеното. Владанка Авировиќ од СПМ истакна дека е важно што со предложениот ребаланс нема да се промени фискалната стратегија, што остануваат сите макроекономски показатели и најважно е што Макеоднија се определува за инвестиции, пред се во инфраструктурата.

- Македонија во своите задолжувања има едниствена цел да ги зголеми инфраструктурните проекти, да вложи во патишта, во водоводи и канализации и секаде каде е потребно и можно, рече Авировиќ.

Ѓорѓи Коџобашиев од ВМРО-ДПМНЕ рече дека постигнувањата во македонската економија се резултат на конзистентните економски и буџетски политики.

Влатко Ѓорчев изразувајќи поддршка на предложениот ребаланс посочи дека тој дополнително ќе ја консолидира македонската економија и оти до полн израз ќе можат да дојдат голем број од проектите во наредната година за која уште сега се почнати подготовките за буџетот.

Посочувајќи на состојбите во европската економија, рече дека во такви околности резултатите на македонската економија се солидни и се дава максимумот.

Крсте Мукоски, исто така од ВМРО-ДПМНЕ,  потенцира дека важно е што средствата што се извдојуваат со ребалансот се за зголемување на капиталните инвестиции кои ќе дадат додадена вредност и кои би требало да ја зголемат и јавната и личната потрошувачка, а со тоа да се зголеми и БДП.

Расправата ќе продолжи по редовната пауза на пратениците.

04.09.2014 - 14:51
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега