Средба на Ахмети со хрватскиот амбасадор

Лидерот на ДУИ Али Ахмети и хрватскиот амбасадор во Македонија Златко Крамариќ на денешната работна средба дискутираа за актуелната состојба во Македонија, за билатералната соработка со Хрватска, за уставните измени и за евроатлантската интеграција на Македонија.

Хрватска, како што стои во соопштението од ДУИ, е пријателска земја и поддржувач на евроатланската интеграција на Македонија.

Ахмети на средбата ја истакнал потребата за што поскоро решавање на прашањето за името кое истовремено ќе го отвори патот кон НАТО, но и ќе ги релаксира меѓуетничките односи и ќе влијае во економскиот развој на земјата.

Како што е наведено во соопштението, ДУИ го поттикнува интензивирањето на преговорите со нашиот јужен сосед и смета дека низ дијалог ќе се постигне компромис, што ќе донесе решение на спорот.

Во врска со Самитот на НАТО во Кардиф, Ахмети процени дека Северноатлантската алијанса ја завршила својата работа уште од 2008 година кога ја покани Македонија да им се придружи на сојузниците, под услов да се реши спорот за името. Сега, останува Скопје и Атина да најдат храброст и заеднички јазик за да се надмине овој проблем во корист на регионот.

Ахмети истакна дека местото на пратениците од Демократската партија на албанците е во Собранието и дека Собранието е местото каде што може да ја претстават својата загриженост и да понудат решенија за проблемите на земјата и граѓаните. 

05.09.2014 - 13:40
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега