Јанкулоска и Тахири во заеднички напори против верскиот радикализам и тероризам

Заканите изразени преку активности на поединци и групи од позиции на верски радикализам или екстремизам со елементи на тероризам, бараат координиран одговор, регионална соработка и постојана надградба на нормативните и институционални капацитети, како и градење на заедничка безбедносна стратегија за справување со предизвиците.

Ова го констатираа министрите за внатрешни работи на Македонија и на Албанија, Гордана Јанкулоска и Самир Тахири, на денешната средба во Тирана.

Министрите се согласија околу потребата од формирање на оперативни тимови кои би работеле на тоа поле и создавање на услови за поефикасна размена на информации. Соочувањето со безбедносните ризици од тероризмот, нужно подразбираат и интензивирање на напорите  во попречување на елементите на организираниот криминал кои го поддржуваат, како пролиферација на оружје, илегалната миграција и илегалната трговија со наркотични средства, оружје и луѓе. Во тој контекст министерката Јанкулоска ја нагласи потребата од што е можно побргу потпишување на Протокол за прекугранично константно гонење.

Склучувањето на ваков имплементациски протокол е од особена важност за двете министерства, бидејќи тој би ги содржал сите детали од полициското делување при константно гонење на лица осомничени за сторени тешки кривични дела на териториите на Република Македонија и Република Албанија, во момент на бегство на територијата на една од двете држави. Огромни се очекувањата дека во случаи како неодамнешното разбојништво во Дебар, ваквиот проткол би бил ефикасна алатка за брзо пронаоѓање и лишување од слобода на осомничените.

Денешната средба беше искористена и за потпишување на Протоколот меѓу министерствата за внатрешни работи за соработка во текот на туристичката сезона во двете држави. Протоколот претставува одлична можност за заедничка соработка и истата ќе продолжи и во иднина. Со овој Протокол се овозможува размена на полициски службеници за време на туристичката сезона во Република Македонија и Република Албанија, со оглед на тоа што во Македонија престојуваат голем број туристи од Албанија, особено во Охрид и Струга за време на летната туристичка сезона, но не помалку значајни се и посетите на албанските туристи за време на новогодишните и останатите верски празници.

Министрите Јанкулоска и Тахири,како што е наведено во денешното соопштение од МВР, разговараа и околу унапредувањето на соработката во евроинтегративните процеси на двете држави, олеснување на слободното движење на луѓето и стоките на граничните премини, безбедносната состојба на границата меѓу двете држави, борбата против организираниот криминал, заедничките обуки за припадниците на министерствата за внатрешни работи и други прашања од делокругот на работа на полициските органи.

05.09.2014 - 13:52
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега