Уште еден силен удар за европската економија - Македонија пред нов предизвик

Геополитичките тензии го јакнат песимизмот во еврозоната. Европската централна банка ги намали прогнозите за растот на економијата во земјите од монетарната унија за оваа и следната година, анализира Економски.мк

Годинава очекувањата се дека БДП во еврозоната ќе изнесува скромни 0,9%, а догодина ќе стигне до 1,6%. Паралелно со ова ЕЦБ предвидува инфлација од 0,6% наместо претходно планираните 0,7%.

„Управниот одбор на банката ќе продолжи да ги следи ризиците кои се закануваат на среднорочните прогнози“, вели првиот човек на ЕЦБ, Марио Драги.

Еврозоната стагнира, ЕУ во минус од 0,2%

Според податоците кои денеска ги објави европската статистичка служба, Еуростат, економскиот раст во еврозоната во вториот квартал мирувал, а во рамки на Европската унија забележан е пад од 0,2%.

Споредено со истиот период од минатата година, БДП во еврозоната е помал за 0,7%, а во 28 –те членки на ЕУ за 1,2%.

Нема добри вести ниту од САД. Вториот квартал таму заврши со раст од 1,2% споредено со претходните три месеци кои завршија со минус од 0,5%.

Јапонската економија е во рецесија, со пад од 1,7% во вториот квартал споредно со првиот.

Меѓу земјите членки на ЕУ, најсилен раст од вториот квартал од оваа година, споредено со првите три месеци од 2014 има Малта со скромни 1,3%, Латвија со 1% и Литванија, Унгарија и Велика Британија со раст од 0,8%

На повидок е нова мини криза

Европските експерти предупредуваат дека на повидок е нова мини криза која се должи пред се на случувањата во Украина.

Локомотивата на европската економија, Герамнија во вториот квартал забележа пад од 0,2%. Падот на германската економија во вториот квартал е неочекуван и се случува прв пат по повеќе од една година. На годишно ниво растот на германската економија изнесува 0,8%, а се очекуваа 1,5%.

И втората по големина економија во еврозоната, Франција, е во стагнација, а економистите очекуваа благ раст од 0,1%

Со оглед на влијанието на германската економија, овој пад ќе има посилно влијание во Европа. Европските експерти предупредуваат дека е на повидок нова мини криза заради случувањата во Украина која ќе донесе негативни економски ефекти и движења.

Експертите и НБРМ предупредуваат: новата криза ќе влијае на Македонија

Домашаните експерти пак, велат дека оваа нова криза која е во најава може да има минимално влијание врз македонската економија која годинава бележи најдобри резултати во Европа. Предупредуваат на будност кај надлежните за да се превенираат навреме евентуалните последици.

Во тој правец се и најавите од Централната банка на Македонија. Банката и натаму стои на прокецијата за раст на економијата од 3,7% до крајот на годината, но предупредува и на постоечките ризици.

Во последниот извештај НБРМ констатираше дека се присутни и нагорни ризици околу цените на енергијата и храната поврзани со геополитичките тензии во Ирак, руско – украинскиот конфликт, како и евентуалните ефекти од поплавите во регионот.

„Ризиците од овие случувања може да се остварат преку нестабилност и тешка предвидливост на цените на енергенсите и на житните производи, а воедно може да влијаат и врз очекуваното економско закрепнување. НБРМ ќе продолжи внимателно да ги следи идните макроекономски движења и евентуалното остварување на ризиците и соодветно на тоа, ќе ја приспособува монетарната политика“, стои во последните извештај на НБРМ.

 

Економски.мк

05.09.2014 - 14:57
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега