По повод независноста на Македонија организиран дипломатски ручек во Брисел

По повод Денот на независноста на Република Македонија, вчера македонската амбасада во Кралството Белгија организира дипломатски ручек во елитниот бриселски клуб „Лорен“, јави дописникот на МИА од Брисел.

На дипломатскиот ручек организиран од амбасадорот Лазар Еленовски, учествуваа амбасадорите на Германија, Екарт Кунц, на Франција, Бернар Валеро, но и првите луѓе на амбасадите на Катар, Сингапур, Нов Зеланд, Бугарија, Албанија, Србија, Црна Гора и Косово.

Во пригодниот говор на ручекот, амбасадорот Еленовски се заблагодари за поддршката и пријателството на државите со Република Македонија, порачувајќи дека нашата земја останува доследен партнер во поглед на регионалните и меѓународните случувања и процеси.

- Интеграцијата на Македонија во евро-атлантското семејство останува основен приоритет и цел на државата, истакна поранешниот минстер за одбрана на ручекот со амбасадорите.

Вечерва, пак, во просториите на Мисијата на Република Македонија при Европската унија во Брисел и во организаицја на амбасадорот Андреј Лепавцов, ќе се организира голем прием по повод македонскиот Ден на независноста на кој освен од дипломатскиот кор, се очекуваат високи гости и од Европската унија и НАТО.

09.09.2014 - 13:55
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа