Односите меѓу двете земји се пријателски без отворени прашања

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, денеска оствари средба со претседателот на Владата на Република Хрватска Зоран Милановиќ, кој престојува во работна посета на Република Македонија.

На средбата, соопшти денеска кабинетот на Иванов, било разговарано за натамошно јакнење на билатералните односи меѓу двете земји, за економската и регионалната соработка, како и за состојбите во врска со членството на Република Македонија во Европската Унија и НАТО.

Иванов и Милановиќ констатирале дека односите меѓу двете земји се пријателски и со доверба, без отворени прашања, со заеднички стратешки цели за мир и стабилност во регионот.

Претседателот Иванов ја реафирмирал нашата подготвеност за унапредување и зголемување на соработка во економијата, трговијата, туризмот, дополнувајќи дека за таа цел особено е значајно подобрувањето на инфраструктурата, со реализација на проектот Јадранско-јонска магистрала. Ја потенцирал важноста на „Брдо-Бриони Процесот“ кој е конкретна потврда за посветеноста на Хрватска кон јакнење на регионалната соработка и поддршката на евроатлантските интеграции за земјите од регионот.

Во однос на реализацијата на нашите стратешки цели, претседателот Иванов се заблагодарил за отворената поддршка и помош од страна на Република Хрватска за интеграциите на Република Македонија во ЕУ и НАТО, како и за конструктивниот став дека билатералните спорови не треба да бидат пречка кон евроатлантскиот пат.

Во тој контекст македонскиот претседател изразил очекување дека тие ќе продолжат и во иднина, со цел деблокада на македонските евроатлантски интеграции.

Претседателот Иванов ја поздравил и соработката меѓу двете влади и изразил надеж за нејзино интензивирање, со цел конкретизирање на проектите од заеднички интерес.

Премиерот Милановиќ, истакнал дека стратешки интерес на Република Хрватска е целосна интеграција на регионот во евроатлантските структури, дополнувајќи дека ќе продолжат со нивната конструктивна улога и заложби за влез на Македонија во ЕУ и НАТО.

Претседателот Иванов и премиерот Милановиќ изразиле задоволство од досегашниот развој на односите и соработката меѓу Република Македонија и Република Хрватска, кои ги карактеризира силно пријателство и идентични ставови во однос на развојот на регионалната и на меѓународната соработка. 

09.09.2014 - 15:59
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега