Волфганг Петрич: Атина ja има главната одговорност за нерешавање на проблемот со името

Јасно е дека Атина ја сноси главната одговорност за нерешавање на проблемот со името, тоа и таму јасно би го рекол, изјави австрискиот дипломат и преговарач Волфганг Петрич во интервју за Ал Џезира Балкан.

Во емисијата „Кажете и на Ал Џезира“,поранешниот висок претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина и преговарач за Косово, сегашен претседател на австриската фондација „Маршалов план“, разговара со новинарот Саша Делиќ, меѓу другото,  за ситуацијата во Босна и Херцеговина, односите меѓу Србија и Косово, но и за проблемот со името на Македонија.

На новинарско прашање што мисли за тоа што Европската унија не беше во состојба да го реши овој спор, со оглед на тоа што Македонија има статус на кандидат девет години, Петрич вели дека е песимист во поглед на таа ситуација.

- Очигледно, колку е помал вистинскиот проблем, толку предизвикот е поголем. Зарем не може да се седне и да се договори за името на земјата, како тие се нарекуваат себеси и зошто соседната земја го оспорува тоа име? Погледнете ја ситуацијата. Грција е во Европската унија, Грција е во НАТО. Кој во Грција може да се плаши од Македонија, земја со два милиони жители?, изјави Петрич.

Според него, „проблемот е во злоупотреба на историјата, во политиката на идентитетот која е толку емотивна што нема никаква врска со реалноста“.

- А тоа значително повеќе влијае на политиката, отколку на економската ситуација. Парадоксално, Грција е најголем инвеститор во Македонија, а на тоа едноставно ниво на изнаоѓање компромис за името, нема никаков напредок, вели австрискиот дипломат.

Тој нагласува дека е јасно оти Атина ја сноси главната одговорност и додава дека тоа и таму јасно би го рекол.

- Се разбира, постои и одговорност на Европската унија. Постои една членка која намерно го ослабува севкупното безбедносно опкружување во овој регион, истакнува Петрич.

Тој додава дека „се разбира сега, после толку години, македонската политика оди во некој чуден правец градејќи ги спомениците. Според него, „ниту во грчките, ниту во македонските тврдења нема целосна вистина, дека едните се Македонци а другите не се“.

- Затоа што после две илјади години нема никаква шанса да можат да го тврдат тоа. Пред се, национализмот е феномен кој настанал во 19 век, а не во античкото доба, вели Петрич.

Во врска со целокупната ситуација во Западен Балкан, тој открива дека неодамна имал состанок со претставници на Стејт департментот кои му рекле дека се уште се заинтересирани за она што се случува на Западен Балкан но оти имаат многу поголеми проблеми кои треба да се решаваат и со кои треба да се соочат.

- Европа генерално го има истиот став, но госпоѓата Меркел сфати дека доколку ЕУ не помогне во решавањето на сите отворени прашања во Западен Балкан, Европската унија нема да има глобална улога кога станува збор за Блискиот исток, па дури и кризата во Украина, каде Европјаните директно се соочуваат со огромен предизвик, изјави Петрич.

На прашањето дали ја гледа Србија како членка на Европската унија до 2020 година, како што предвидуваат некои српски политичари, тој рече дека тоа е „малку премногу оптимистично“.

10.09.2014 - 10:07
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега