Европската политичка елита на приемот за Денот на независноста на Македонија во Брисел

Како што јавува дописникот на МИА од европската престолнина, на големиот прием на кој присуствуваа околу 150 гости, меѓу другите беа и рускиот амбасадор при ЕУ Владимир Чижов, Дејвид Кулен од Директоратот за проширување на Европската комисија, турскиот амбасадор Селим Јенел и бугарскиот Димитар Цанчев, како и амбасадорите на Романија, Србија, Хрватска, Црна Гора, Косово, Молдавија и останати преставници на дипломатско-конзуларните претставништва во Брисел.

Големиот ден за Република Македонија, со македонски ајвар, сирење, ракија, вино и други македонски специјалитети, синоќа го прославија и голем број на пратеници во Европскиот парламент, меѓу кои Андреј Ковачев, Весна Малетиќ, Алојзе Петерле, Туне Келам, Едвард Кукан и Давор Иво Штиер.

Во оваа пригода, бугарскиот европратеник Ковачев, кој обично важи за противник на Македонија во ЕП, испрати топли поздрави кон македонските граѓани по повод националниот празник на државата и посака колку што е можно побрзо да станат и европски граѓани.

- Причината е што нашата иднина е да бидеме заедно во Европа. Тоа што не разделува треба да остане во минатото и да гледаме напред во иднината, во една заедничка Европска унија каде заедно ќе живееме и ќе нема повеќе идеологии кои ќе не разделуваат, порача Бугаринот Ковачев.

Хрватот Штиер, пак, рече дека меѓу Хрватска и Македонија има силно пријателство и дека Хрватите чекаат Македонија да им се приклучи во ЕУ.

- Јас се радувам на тој ден кога Македонија ќе стане полноправна членка на ЕУ. Како пратеник во Европскиот парламент ќе продолжам да работам на ова прашање. Сепак, знаете каде се пречките за макеоднската европска перспектива и едноставно мораме тие пречки да ги отстраниме оти Македонија има право на европска перспектива. Денеска се слави независност и државност, која се разбира дека ќе биде целосна кога ќе се оствари и европската иднина на Македонија, истакна Штиер.

Поранешниот министер за надворешни работи на Словачка Едвард Кукан, кој долги години е пратеник во Европарламентот, порача дека Денот на независноста на секоја земја е многу важен ден и им честита на граѓаните на Македонија за овој многу важен ден.

- Во исто време, би сакал да ги охрабрам Македонците да останат вклучени на европските амбиции. Го велам тоа оти знам колку им е тешко на нив. Има многу работи постигнати во Македонија и тоа не е правилно признаено од страна на Европската унија. Мислам дека е многу важно да се остане на про-европскиот начин, да се продолжи со потребните реформи и сигурен сум дека резултатот на долг рок ќе дојде, е пораката на Словакот Кукан.

Поранешниот шеф на дипломатијата на Словачка, исто така испрати порака на охрабрување до македонските граѓани, истакнувајќи дека „Македонците имаат многу пријатели во Европскиот парламент, во Брисел, што ќе биде корисно за нив да го добијат членството во ЕУ”.

Покрај присуството на видни поединци, синоќа во домот на Република Македонија во европската престолнина, свои високи претставници испратија и голем број на директорати во Европската унија, претставници на Европскиот совет, но и на Северноатлантската алијанса (НАТО).

10.09.2014 - 12:39
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа