Меѓународни експерти од ИТ на две меѓународни конференции во Охрид

Информациската технологија може да биде генератор на економскиот раст во државата и средство за постигнување благосостојба во општеството. Државите кои постигнале значителен раст и успеале да скокнат десетици места напред на светските ранг-листи на држави според богатство имаат едно нешто заедничко. Сите тие се напредни корисници на информациско-комуникациските технологии, порача претседателот Ѓорге Иванов во обраќањето пред учесниците на шестата по ред Меѓународна конференција „ICT innovation 2014“ на отворањето денеска во Охрид.

Иванов забележа дека за разлика од другите технологии, кај информациските технологии државата не мора да биде изумител на нови технологии, не мора дури ни да биде произведувач, за да бележи економски раст. Доволно е да биде напреден корисник на информациската технологија.

- Прашањето е дали ќе чекаме да ни се нудат решенија, или ќе се обидеме и ние да бидеме дел од тие решенија кои му се потребни на светот. Затоа, неопходно ни е структурно приспособување. Неопходно е повеќе да вложуваме во образование, наука и истражувања. Македонија да ја вклучуваме во регионалните образовни, научни и истражувачки проекти. Потребно ни е лидерство во иновациите и иновативни компании, рече Иванов.

Тој укажа на неопходноста од надминување на јазот меѓу академските институции и бизнис-секторот, меѓу научните истражувања и пазарот, притоа охрабрувајќи ги компаниите да ја зајакнат активностите за соработката со универзитетите и со академските центри во делот на иновациите, науката, истражувањата и развојот.

Министерот за информатичко општество Иво Ивановски укажа на активностите што се преземаат во Република Македонија за отворање на податоците што ги поседуваат државните институции.

- Македонија како 32 држава потписник на Договорот за отворено владино партнерство се обврза да ги отвара податоците и веќе сме едни од лидерите во светот по борјот отворени податоци, и тоа не само во облик достапен за граѓаните, туку и во машински формат за истите податоци да можат да се процесуираат, од нив да се создаваат мобилни или веб-апликации, односно истите податоци да добијат нова додадена економска вредност, истакна Ивановски.

Тој додаде дека на тој начин се отвораат податоци со кои приватниот сектор преку т.н. вкрстување на таквите податочни сетови да креира нови решенија, нови продукти што ќе генерираат нова вредност.

- Во ЕУ минатата година преку такви вкрстувања на податоци остварена се средства од 60 милијарди евра додадена вредност. Се надеваме дека граѓаните во Македонија ќе ги искористат 154-те податочни сетови, да се вклучат во креирање нови апликации и решенија од полза на граѓаните, истакна Ивановски.

На собирот во Охрид учествуваат 244 универзитетски професори по информатика и компјутерско инженерство, автори од 46 држави. Од понудените трудови 32 ќе бидат објавени во специјализираните изданија исто толку и за презентации во рамки на конференцијата. Во рамки на конференцијата се организирани три тематски работилници, две како дел на европскитее проекти „Фупол“ и „Маестра“, додека третиот се реализира како билтерална соработка со експерти од Полска.

Во Охрид денеска беше затворена и 18-тата Конференција за достигнувања во доменот на базите на податоци иинформациони системи – АДБИС, на која со свои трудови се претставија 89 институции од областа на информатиката од 39 држави од светот. 

10.09.2014 - 13:37
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега