Средба на вицепремиерот Бесими со новиот полски амбасадор Мултановски

Вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими, денеска во Скопје се сретна со новиот амбасадор на Република Полска во Република Македонија, Јацек Мултановски.

Како што информираат од СЕП, на почетокот на средбата вицепремиерот му честиташе на амбасадорот за новата функција, како и за изборот на премиерот на Полска, Доналд Туск за претседател на европскиот совет.

Посакувајќи му успешна работа во неговиот мандат, вицепремиерот Бесими разговараше за процесот на интеграција на Република Македонија, како и за последните постигнувања на земјата во однос на членството во Европската унија, при што потенцираше дека европската интеграција останува стратешки приоритет за нашата држава и граѓаните.

Амбасадорот Мултановски, истакна дека Полска силно се залага за проширување на Европската унија и ќе продолжи да ја поддржува Македонија на овој пат, потенцирајќи дека стојат на располагање за размена на нивното искуство во имплементирањето на реформите и исполнувањето на критериумите од Унијата.

Двајцата соговорници истакнаа дека добрите билатерални односи меѓу Македонија и Полска и понатаму ќе продолжат, а исто така ќе се работи на продлабочување на соработката во областа на културата, образованието, науката, здравството, судството и владеењето на правото кои претставуваат главен двигател на земјата кон ЕУ.

10.09.2014 - 15:11
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега