Уставните измени на маса пред академиците во МАНУ

Уставните измени треба да бидат резултат на политички и општествен консензус, на сопфатна анализа на функционирањето на правниот систем. Тие не треба да бидат парцијални и можеби треба да се размислува за интегрален пристап за промени на Уставот, или донесување целосно нов Устав. И покрај тоа што се носат во услови кога опозицијата е надвор од Парламентот тие се легитимни зашто се предложени од коалиција која победи на избори и го освои мнозинството на гласови од граѓаните.

Ова се дел од размислувањата на учесниците  на научната и стручна расправа за нацрт-амандманите на Уставот на Република Македонија што ја организираше Македонската академија на науките и уметностите денеска во Скопје.

- Не само усвојувањето на Уставот туку сите негови амандмански измени треба да претставуваат акт на најширока, по можност консензуална определба на сите политички субјекти и на граѓаните. Оттука не навлегувајќи во постојните односи што ја обременуваат сферата на политиката, сметам дека токму еден ваков за уставниот и правиот поредок и за општествениот систем значаен чин би требало да биде повод за нормализација на односите во Собранието на Република Македонија кое треба да ги гласа предложените измени на Уставот за тие да имаат потполн легитимитет и да претставуваат основ за натамошен разговор, истакна претседателот на МАНУ академик Владо Камбовски.

Треба да потсетиме на едно старо правно правило, како што рече тој, кое е многу рационално. Тоа е една таканаречена регресна забрана, односно секој одговара и во сегашноста и во иднината за своите постапки.

- Никој, за да се исклучи од одговорност не може да се повикува на одговорноста на грешките на другиот, истакна Камбовски.

Консензусот за уставните измени е важно прашање и за професорката од Правниот Факултет Гордана Силјановска-Давкова, која смета дека тоа е основен услов за уставен патриотизам, кој пак, како што посочи, е основа за владеење на правото. Уставни патриоти, рече, се оние кои трагале или учествувале во креирањето на консензусот за уставните измени.

Таа смета дека измените на Уставот не треба да бидат парцијални, туку оти треба да се направи сеопфатна анализа и интегрирана промена на Уставот.

- Јас сум поборник на концептот за интегрален пристап на промена на Уставот и преиспитување на сегашниот Устав во насока на тоа дали го положи тестот на времето од повеќе причини, рече професорката Силјановска.

Ставот на професорката Тања Каракамишева-Јовановска за измените на Уставот, кои се предложени од Владата, е дека иако тие се носат во период кога, како што рече, постојат политички турбуленции, сепак, доаѓаат во момент кога имаат исклучително значење за развојот на македонската политичка и правна реалност.

- Предложените амандмани на Уставот имаат легитимитет бидејќи произлегуваат од коалиција на политички партии која е победничка и има мнозинство гласови на последните парламентарни избори, така што, несомнено овој легитимитет доаѓа од граѓаните и не може да се потцени. Точно е дека политички или партиски консензуз мора да постои, меѓутоа прашањето на консензусот не може да се врзе стрикно за легитимитетот кој и те како е присутен и преточен преку резултатите на парламентарните избори, односно многу граѓани дале доберба за она што е во програмските определби на коалицијата, рече Каракамишева Јовановска.

Нејзината колешка од правниот факултет Рената Десковска смета дека е потребен и политички и поширок општествен консензус. Во спротивно, рече таа, ќе се донесат измени на Уставот кои нема да бидат прифатени од сите.

Според неа, значаен амандман е оној за креирањето на меѓународните финансиски зони. Останатите, рече, се обид да се прикаже дека се прават реформи, а во суштина нема ништо да променат или обид да се поднетне зајак кој ќе го бркаат медиумите и за кои ќе се води главната дебата со цел, како што посочи, да се дефокусира вниманието од она што свсушност од уставот ќе направи монструм во компаративана правна смисла и ќе има несогледливи последици подоцна.

Заклучоците и забелешките од денешната расправа ќе бидат доставени до Владата која е предлагач на уставните измени. Тие откако беа презентирани во Владата како нацрт амандмани беа утврдени во Собранието на Република Македонија по што се организира триесетневна јавна дискусија во чии рамки беше организирана денешната расправа. По завршувањето на јавната расправа предлагачот треба да одлучи кои и колку од забелешките евентуално би прифатил.

Владата предложи седум уставни амандмани. Тие се однесуваат на дефинирањето на брачната заедница, формирање меѓународна финансиска зона, промена на името на НБРМ, се дефинира висината на дефицитот на Буџетот и на јавниот долг, уставно се дефинира Државниот завод за ревизија, а се изземаат и министерот за правда и претседателот на Врховниот суд од Судскиот совет. Исто така, се воведуваат новини во надлежноста на Уставниот суд како уставна жалба и можноста тој да одлучува по жалбите на одлуките на Судскиот совет на РМ за избор и разрешување судии и по одлуките на Советот на јавни обвинители. 

10.09.2014 - 15:17
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега