Каде има слободна парцела, колку чинат становите - Катастарот почнува да води нови регистри

Потенцијалните инвеститори ќе можат од кое било место во светот  он лајн да добиваат податоци  каде има слободни градежни парцели во Македонија,  која е цената на  недвижноста за која се заинтерсирани,  стандардизирана адреса со точна локација.

За регистрите што за таа намена ги подготвува Агенцијата за катастар на недвижности Владата усвои акциски планови. Целта е на едноставен начин  од едно место брзо и со нула трошоци да се понудат податоци за потенцијалните инвеститори, граѓаните и институциите, информираа денеска на прес-конференција, портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев и директорот на Агенцијата за катастар на невдижности Славе Трпески.

Во регистерот на градежно земјиште софтверски ќе бидат обединети сите урбанистички планови со прецизни податоци за  градежното земјиште на целата територија на  државата.

- Ќе бидат евидентирани сите парцели, целокупното градежно земјиште,  податоци што е предвидено да се гради на тоа земјиште, а доколку не е предвидено податок дека е слободно, ако е предвидено што  да се гради ќе бидат внесени параметрите   до која висина, на каков габарит, на каква површина. На тој начин едностано ќе може да се добие впечаток  за целокупната состојба на градежното земјиште на Македонија, рече Ѓорѓиев.

Тоа, истакна, ќе биде од особено значење за политиката за привлекување странски инвестиции затоа што потенцијалните странски инвеститори  ќе можат едноставно и многу бргу од каде било во светот да видат каде постои слободно градежно земјиште, со какви параметри треба да биде изградено, на кој начин може да се пристапи до него. Тоа во голема мера   треба да им помогне во носење на клучната одлука за реализација на инвестицијата.

- Ова сериозно ќе ја унапреди деловната клима и конкурентноста на домашната економија. Ќе биде од големо значење за обезбедување  поповолни услови за привлекување странски инвестиции, за економски раст и развој, а на тој начин и поголем број вработувања на граѓаните,  укажа Ѓорѓиев.

Регистарот на градежно земјиште треба да профункцинира најдоцна до првиот квартал следната година. Неговата имплеметација ќе чини половина  милион евра, што ќе бидат одвоени од буџетот.

Значаен за инвеститорите и за граѓаните, според директорот на Катастарот, ќе биде и регистарот на цени на недвижностите, што треба да се полни од првата половина на следната година.

- Регистарот ќе ги содржи цените за сите продажби и закупи на недвижностите, како и дополнителните податоци за недвижностите, како што се година на градба и на реконструкција, материјал на градба, микро, макро локација, близина до јавни објекти, достапност до струја, вода, гас..., рече Трпески.

Регистарот, посочи, ќе биде достапен за пошироката јавност и ќе овозможи транспарентност на пазарот на недвижности. Агенцијата ќе објавува квартали, полугодишни и годишни извештаи за трендот на движењето на цените на недвижностите. 

- Во тек се активности за потпишување меморандуми за соработка со НРМ, УЈП, Град Скопје, Државен завод за статистика, Управа за водење матилни книги, КОмора на проценители..., кои ќе бидат вклучени во имплементација на регистарот. Агенцијата работи и на дефинирање на прашалник за податоците на недвижностите коишто ќе треба да ги пополнат граѓаните и компаниите кои ќе извршат промет со недвижностите односно ќе ги издават под закуп,  информира Трпески.

Според него, адресниот регистар Катастарот го воспсотавува врз основа  на европската директива за адресите во државите члени на ЕУ. Ќе содржи  просторни и описни податоци за улиците и куќи, односно стандардизирани адреси. 

- Графичкиот регистар на улици и куќни броеви ќе биде поврзан со регистарот на просторни единици заради идентификување на улицата кон населеното место, односно административните единици. На тој начин заинтерсираните субјекти информациите во врска со катастарските парцели, улиците и куќните броеви ќе ги добиваат на брз и ефикасен начин по електронски пат од страна на Катастарот,  појасни Трпески.

Адресниот регистар првин ќе се воведе како пилот проект на подрачјето на Скопје. Требада биде воспоставен до декември 2016 година.

11.09.2014 - 13:01
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа