Се гради нов кружен тек во Прилеп

Во Прилеп денеска започнаа работите за изградба на нов кружен тек на сообраќајот на влезот од градот од Плетвар, во близина на некогашната текстилна фабрика „Солидност“.

Според градоначалникот Марјан Ристески, ова е голем градежен зафат и се решава едно од крупните прашања во уредувањето на сообраќајот во градот.

- Изградбата на овој кружен тек на сообраќајот ги опфаќа фрекфентните улици: „11 Октомври“, „Октомвриска“ и „Александар Македонски“. Асфалт ќе биде поставен на близу 4.000 метри квадратни. Ќе биде уреден, во средината на кружниот тек во иднина ќе биде поставен споменик во чест на загинатите на „Битката кај Ножот“. Улиците „Октомвриска“ и „11 Октомври“ ќе бидат проширени со уште една лента, а на средината со зелен појас. Комплетно ќе има четири ленти и велосипедска и пешачка патека, информира Ристески.

Парите за овој зафат од околу 8 милиони денари се обезбедени од локалниот буџет и се очекува работите да завршат до крајот на годинава.

- Со овој зафат Прилеп ќе добие комплетно булеварско решение од потегот кај бензиската пумпа на „Лук Оил“ на влезот од Прилеп од Плетвар па се до булеварот „Гоце Делчев“. Инаку, булеварот на влезот од градот се градеше со кредит од Светска банка, рече Ристески.

Прилеп сега ќе има 5 решенија со кружен тек на сообраќајот и според локалните власти најбезбеден за пешаците и возачите. В година е планирано да се гради уште еден ваков зафат со кружно решавање на сообраќајот на досегашните раскрсници.

11.09.2014 - 16:40
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега