Силна кампања на Владата за зголемување на свесноста за безбедност во сообраќајот

Владата на Република Македонија во наредниов период започнува силна и интензивна кампања, која има за цел да ја подигне свеста кај сите учесници во сообраќајот.

Премиерот Никола Груевски денеска укажа на силната потреба од превенирање и на бројот на жртви во кампањата „Почитувај ги правилата, почитувај го животот“.

-Првиот слоган е „Вози безбедно, вози со појас“. Возењето без сигурносен појас е најголема причина за смртност во сообраќајните несреќи. Шансите да загинете во сообраќајка кога не носите појас се двојно поголеми. Податоците говорат дека на кратки и познати дестинации, граѓаните најретко ставаат појас. Апелирам сите да го стават сигурносниот појас, кој јас секогаш го носам и ве молам да го носите и вие, истакна Груевски.

Втората порака која ја испрати премиерот гласеше „Не зборувајте на мобилен телефон додека возите, затоа што времето на реакција е 50% побавно“.

-Незаконски е да се зборува на мобилен телефон додека сте во движење, па дури и кога стоите на семафор и го паркирате возилото. Ако ве фатат во таков момент, ќе бидете казнети, а може и да ви ја одземат возачката дозвола. Дури и ако вие му се јавите некому кој ви каже дека во моментот вози, треба само да го замолите да ве побара и да ја спуштите слушалката, апелираше Груевски.

Третиот совет кој денес премиерот го испрати кон граѓаните е секогаш да ја почитуваат ограничената брзина на патиштата.

-Четвртиот совет кој ви го испраќам е да не возите кога сте заморени. Возачите кои заспиваат во текот на возењето претходно го отвораат прозорецот или пуштаат гласна музика, но тоа помага само за кратко време. Четириесет отсто од несреќите кога возачот заспива се направени во комерцијално возило. Ако треба да возите, тоа немојте да го правите од полноќ до 6 часот наутро, а во подолги релации правете пауза од 15 минути на секои два часа, истакна Груевски.

За крај, Груевски посочи дека треба да престанеме да веруваме дека загинувањето во сообраќајна несреќа е судбина, бидејќи таа судбина сами ја правиме и може да ја промениме.

12.09.2014 - 13:29
Фото: 
курир
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега