ДИК почна активности за проверка на Избирачкиот список

До крајот на годинава Работната група за проверка на Избирачкиот список треба да ги заврши техничките подготовки за можните три методи по кои таа би била изведена, односно да ги формулира прашалниците, соодветната техника која ќе биде користена, да го утврди неоходниот број анкетари, набљудувачи, контролори..., да воспостави јасни пишани процедури преточени во подзаконски акти кои ќе ги донесе Државната изборна комисија, како и да ја утврди висината на потребните финансиски средства.

- Која методологија ќе биде користена ќе биде дополнително утврдено со консензус на сите членови во работната група, но пред се на претставниците на поголемите политички партии, рече претседавачот на Работната група Бедредин Ибраими на денешниот состанок на кој беше разгледуван Aкцискиот план за утврдување на методологијата за проверка на Избирачкиот список.

Тој појасни оти контролата на Избирачкиот список може да се реализира преку три методи. Првиот со проверка на базата на податоци, вториот со проверка од список кон гласачи, и третиод со проверка од гласачи кон список.

Со втората метода ќе се проверува дали податоците запишани во списокот соодвествуваат со фактичката состојба на терен, а со третата, пак, по случаен избор на избирачи на улица ќе се проверува дали податоците што ќе ги дадат се соодветни со оние во избирачкиот список. За спроведување на проверката ќе бидат избрани 4 општини со не помалку од 5.000 избирачи. 

Претставникот од ВМРО-ДПМНЕ во работната група Никола Тодоров даде поддршка за ваквите активности, иако, како што истакна, на еден поранешен состанок на истата работна група на која биле присутни сите политички партии едногласно било констатирано дека Избирачкиот список прочистен и врз основа на тоа потоа се спровдоа тогаш локални избори.

Претставникот на ДУИ Абдулаќим Адеми истакна дека неговата партија отсекогаш се залагала Избирачкиот список да биде документ во кој сите учесници во изборниот процес ќе имаат доверба и оти заради тоа дава поддршка за вакви активности.

Златко Димитриоски, претставник од МОСТ рече оти за проверката на Избирачкиот список не мора да се избира еден метод туку дека сите три можат да се спроведат напоредно. Тоа е начин да се надминат, како што рече, предизвиците врзани со овој список.

На состаникот на Работната група не присуствуваа преставници од ДПА и на СДСМ. Од СДСМ преку соопштение до медиумите информираа за причините поради кои не присуствуваа, истакнувајќи притоа дека е „беспредметно да се дебатира парцијално, само за дел од 5-те точки кои СДСМ и опозицијата бараат да бидат теми за разговор со власта, за обезбедување услови за фер и демократски избори“.

12.09.2014 - 13:54
Фото: 
канал5
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа