Македонски лекари ќе имаат можност да се обучуваат во Копенхаген

Петнаесет до дваесет лекари од Република Македонија ќе имаат можност од еден до три месеци да бидат обучувани од лекари во Универзитетската болница „Rigshospitalitet“во Копенхаген, која има најголем број пациенти и здравствени услуги во Данска. Ова вечерва го истакна министерот за здравство Никола Тодоров по средбата со директорот на болницата Јаник Хилстед, јави известувачот на МИА.

Тодоров посочи дека со Хилстед се договориле најпрво да биде испратена листа на доктори со нивно CV зa дa можат од болницата да одлучат кои од нив ќе можат да се обучуваат во таа здравствена установа и за кои методи.

- Веднаш по доаѓањето во Македонија ќе испратиме листа на доктори, по што очекуваме позитивен одговор од нивна страна и испраќање на наши доктори кое би било на почетокот на идната година, рече Тодоров. Додаде дека условите поставени од страна на болницата се одлично познавање англиски јазик и прецизно подготвено CV од кое ќе оценат колку би требало да трае престојот на македонските лекари во болницата и дали може за тој временски период да бидат обучени за имплементација на одредена метода.

Министерот Тодоров вечер пред претставници на неколку болници и осигурителни компании ќе ги презентира можностите за инвестиции во Република Македонија во слободните здравствени зони.

15.09.2014 - 20:13


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега