Треба ли Македонија да се плаши од поплави?

Хидролошката состојба во Македонија е стабилна и засега нема опасност од поплави, информира денеска директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Шабан Салиу.

Обилните дождови што ги донесе циклонот „Талија“ во изминатите денови не предизвикале поголема материјална штета, освен во општина Чашка каде на барање на градоначалникот е испратена механизација и наскоро се очекува санирање на штетите.

- Висината на котите на хидроакумулациите и езерата е на нормално ниво, а во нормала е и нивото на реките, посочи Салиу на прес-конференција.

Тој додаде дека ДЗС е максимално подготвена за евентуални поплави од поголеми размери и оти се преземаат низа превентивни мерки. Апелираше и локалните самоуправи да ги преземат потребните превентивни активности што се во нивна надлежност.

- Максимално е подигната мобилната подготвеност на сите вработени во централата на Дирекцијата за заштита и спасување и во подрачните единици, извршена е проверка на тимовите и опремата за заштита и спасување, како и проверка на градежната механизација во фирмите со кои ДЗС има склучено договори, истакна Салиу.

Според прогнозите на Светската здравствена организација, од 2030 до 2050 година се очекува секоја година од природни катастрофи да починат околу 250 илјади луѓе.

16.09.2014 - 13:37


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега