За неколку години двојно зголемени платите во образованието

Платите на вработените во образовниот сектор од 2006 година па до денес постојано се зголемуваат. Од октомври годинава, платите во образованието ќе се зголемат за дополнителни 4 отсто, зголемување кое ќе продолжи и во следната 2015 година, бидејќи во новиот предлог Буџет се обезбедени средства за таа намена.

Првото зголемување на платите во образованието откако актуелната власт раководи со државата се случи во 2007 година, кога истите се зголемија за 10 отсто. Зголемувањето на платите продолжи и во следната 2008 година, кога од септември платите се покачија за дополнителни 10 отсто. Во јуни 2009 година, платите на просветарите се зголемија за 900 денари, додека во март 2010 примањата на наставниот кадар се зголемија за дополнителни 8 проценти.

Во овие четири години, по децениска стагнација на платите и ерозија на стандардот на просветните работници, извршено е зголемување на платите на вработените во основните и во средните училишта. Во 2010 година во однос на 2006-тата тоа зголемување изнесува 60% за највисоките плати, односно 110% за најниските плати.

Во 2005 година, најниската плата во образованието изнесувала 5.060 денари, додека највисоката плата 12.735 денари. Во 2006 година, најниската плата изнесувала исто 5.060 денари, додека највисоката 12.917 денари. Ситуацијата е се уште непроменета и во следната 2007 година кога најниската плата изнесувала 5.066 денари, додека највиската била иста како и претходната година, 12.917 денари.

Следната 2008 година, најниската плата се зголемува на 6.120 денари, додека највисоката плата изнесува 16.060 денари. Во 2009 година, најниската плата е зголемена на 9.875 денари, а исто така расте и највиската плата и изнесува 19. 725 денари.

Од 2010 година, па до денес, најниската плата во образованието изнесува 10.655 денари, што е за повеќе од половина повеќе во однос на најниската плата во 2005, 2006 и 2007 година, кога изнесувала 5.060 денари. Највисоката плата пак, во 2010, 2011, 2012 и 2013 година изнесувала 20.694 денари, наспроти 12.735 денари во 2005 и 2006 година.

Ова значи дека зголемувањето на платите во образовниот сектор во однос на 2006-тата година изнесува 60% за највисоките плати, односно 110% за најниските плати.

Штрајкот на СОНК заради тесен интерес на раководството

Ваквите податоци ги потврдуваат изјавите на премиерот Никола Груевски дека најавениот штрајк на СОНК е заради тесен интерес на раководството.

-Секој синдикат има право на штрајк, но чудно е што токму СОНК беше синдикатот кој во изминатите години континуирано, јавно даваше поддршка за проектите кои ги заврши Владата, а што беа поврзани со барањата на СОНК. Често пати предводниците на СОНК кажуваа дека владата исполнила многу повеќе од нивнте очекувања, дека тоа што го чекале со децении го добиле токму во мандатот на оваа Влада, дека се презадоволни од работењето на владата и однеднаш пред еден месец се случи ситуација во која тие најавија штрајкови, посочи Груевски во гостувањето во вестите на Сител.

Јас не велам дека се е розово, далеку од тоа, дека нема проблеми, не велам дека платите не треба да се не за 5 посто, за 500 посто зголемени, и секако дека доколку тоа би можеле би го направиле, меѓутоа работите одат чекор по чекор, вели Груевски, додавајќи дека како повеќе доаѓаат инвестиции и приходи во буџетот, така се зголемуваат платите.

- Да се потсетиме на едно друго минато пред доаѓањето на ВМРО- ДПМНЕ и оваа коалиција во владата, ние не се сеќаваме ниту на зголемување на плати во администрација, ниту на пензии за пензионери, ниту на социјалната помош. Невработеноста континуирано растеше до некои рекордни европски нивоа. А сега е друго време. Сега и во кризи во време кога соседните држави ги намалуваат платите за осум посто, ги намалуваат пензиите намалуваат други давачки кон граѓаните и кон различни ранливи групи, во Македонија имаме зголемување. Меѓутоа некому му треба сега да покаже цврстина, силина, борба, за да биде реизбран и понатаму да управува со тоа што управува, и од тој аспект јас не би коментирал ништо повеќе, додаде премиерот Груевски во вестите на Сител ТВ по најавите за штрајк на СОНК.

16.09.2014 - 13:45


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега