Поддршка од Собранието за предлог измени на повеќе закони

 

Републичкото Собрание  на денешното продолжение на 15. седница  ги усвои предложените измени и дополнувања на законите за нуспроизводи од животинско потекло, за територијална организација и за концесии и јавно приватно партнерство, во прво читање.

Целта на измените на Законот за нуспроизводи од животинско потекло, според заменик-министерот за земјоделство Ванчо Костадиновски, е да се обезбеди повисоко ниво на заштита на здравјето на луѓето и животните.  - Се прецизираат условите за ракувањето, контролата, безбедноста, постапувањето, како и одредени други барања во врска со дериватите на нуспроизводи од животинско потекло, рече Костадиновски. 

Според него, утврдени се и барањата за операторите со нуспроизводи од животинско потекло и нивни деривати, во однос на објектот, инфраструктурата, опремата, начинот на работа и внатрешните системи на контрола за соодветна активност, како и условите за одобрение или регистрација за вршење на соодветната активност. 

Со предложените  измени, посочи во расправата пратеникот од СП Љупчо Димовски, се врши усогласеност со законите за инспекциски надзор и за безбедност на храната.   -  Се подобрува  текстот и  детално се прецизира примената на законот.   Се воведуваат членови за супсидијарна примена на законот и за давање овластување на директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство да може да донесува мерки за здравствена заштита на луѓето и животните, да пропишува дополнителни услови, да објавува листи или да даде одобрение врз основа на критериумите и стандардите кои се применуваат во ЕУ, а кои се донесени врз основа на процена на можните ризици по здравјето на луѓето и животните и согласно со научни докази, по спроведена постапка од страна на Европската комисија, рече Димовски. 

Со Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за територијална организација,  се предлага да се формираат нови населени места (села). Во  општина Велес се додава населеното место Клуковец,  во општина Куманово селата Војновиќ и Костурник, во  Пехчево селото Спиково, во Гази Баба Винче и Колонија и во Ѓорче Петров селото Кисела Јабука.  

Според заменик-министерот за локална самоуправа Љупчо Пренџов, од донесувањето на постојниот Закон  во 2004 година до денес, поради динамичниот демографски, социо-економски и просторен развој на населените места и нивните делови, создадени се предуслови за формирање нови населени места од типот села.  Во тој период се поднесени повеќе барања до Владата и до Министерството за локална самоуправа за формирање нови села. Исто така, посочи, до Собранието на Република Македонија поведени се три иницијативи за изменување и дополнување на Законот, со утврдување на нови населени места. 

- Со законските измени се овозможува пофункционала организација, рационално урбанистичко планирање и ефикасно комунално уредување на новите села. Со формирањето на новите села ќе се овозможи понепосредна, поефикасна и порационална услуга на граѓаните.  Формирањето нови села се однесува на  формирање населени места во рамки на катастарските граници на постојни села, односно не предизвикуваат промени на границите на општините и не е потребно изјаснување преку референдум, рече Пренџов. 

Пратениците ги поддржаа и предложените измени на Законот за концесии и јавно приватно партнерство. Со  Предлог на законот се воведуваат  одредби за формата, начинот и условите во кои јавниот партнер задолжително користи електронска аукција како последна фаза во постапката за доделување договор за воспоставување јавно приватно партнерство, пред донесување одлука за избор на најповолна понуда.

Се пропишува и можност за користење електронска аукција и при доделување концесиите на добра од општ интерес, доколку тоа е предвидено со посебниот закон со кој се регулира соодветниот вид концесија на добра од општ интерес и доколку во рамки на  органот е воспоставен  систем (софтверски програм) за спроведување на електронската аукција. 

Според пратеникот Димовски, измените се  во насока на максимална транспарентност и во интерес на сите граѓани со оглед дека се гарантира увид во доделувањето концесии односно склучување јавно приватно партнерство. 

На денешното продолжение на 15.седница на Собранието, поддршка во прво читање доби и Предлог законот за заштита и благосостојба на животните, за кој расправата заврши вчера.

Собранието ќе продолжи со работа по редовната пауза во 15 часот.

16.09.2014 - 14:00


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега