Продолжува акцијата „Гора“ - кривични за уште три лица

Во рамки на акцијата „Гора“ за сузбивање на криминалот со нелегална сеча и продажба на огревно дрво што се спроведува и на тероторијата на општините Охрид и Струга, охридската полиција поднесе една кривична и три прекршочни пријави, против лица сторители на казнени дела.

Според полициското соопштение, поради постоење на основано сомнение за сторено едно кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“, Секторот за внатрешни работи Охрид, против лицето Н.Н. (38) од Охрид поднесе кривична пријава. Пријавениот во својство на службено лице-управител во ДООЕЛ „Силва практика“ Охрид и лиценциран работник за извршување на стручни работи на шуми овластен од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија, со искористување на службената положба и овластувања и со пречекорување на границите на своето овластување на 15 подносители на барања и во нивна корист, без да поседуваат комплетна документација и без потребниот геодетски елаборат, незаконски им издал 23 одобренија за сеча на приватна шума. Тоа го направил спротивно на правилникот за видот на сеча и содржината на обрасците за барање и одобрение на сеча и евиденција на сечата за површини помали од 100 хектари кои се во приватна сопственост.

Дополнително, пријавениот во 28 предмети издал и пополнил испратници за транспорт на пресечените дрва кои приватните лица ги пренеле до крајната дестинација, а притоа не ги уплатиле потребните парични средства, законски предвидени за проширена репродукција според членот 96 од Законот за шуми, со што бил оштетен буџетот на Република Македонија во износ од 79.976 денари.

Акцијата „Гора“ СВР Охрид ја спроведува во соработка со Шумската полиција,  УЈП, катастарот и ЈП „Македонски шуми“. Притоа изминатите денови извршена е контрола на осум складиште за дрва, а во три од нив биле констатирани неправилности, поради што се поднесени три прекршочни пријави.

Од полицијата најавуваат дека контролата продолжува на целокупната територија што е под надлежност на СВР - Охрид.

16.09.2014 - 15:59


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега