Сопственик на агенција за обезбедување ја „одрал“ УЈП

Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство во Прилеп, поради постоење на основано сомнение на сторени кривични дела Измама, Даночно затајување и Фалсификување или уништување на деловни книги, поднесе кривична пријава против лицето Љ.К(54), сопственик и управител на Друштво за обезбедување на имот и лица Секјурити – М.К. - Агенси од Прилеп.

Според податоците од предистаражната постапка до кои дојде Управата за финансиска полиција, пријавениот Љ.К(54) во периодот од 2010 до 2014 година, ги измамил и довел во заблуда одговорните лица во Управата за јавни приходи на Република Македонија на начин што лажно прикажал и употребил во сметководствената евиденција 28 фалсификувани влезни фактури во вкупен износ од 560.000 евра со вкалкулиран ДДВ од 18%, за фиктивна односно наводно извршена набавка на опрема и услуги. Фалсификуваните фактури се наводно издадени од познати фирми од Скопје и од Прилеп, а за кои фирми по извршените проверки се утврди дека никогаш немале деловни односи со фирмата на пријавениот, Секјурити – М.К. - Агенси од Прилеп ниту пак лично се познавале со него.

Со употреба на фалсификуваните фактури пријавениот Љ.К(54) успеал да ги измами вработените во Управата за јавни приходи и на тој начин да изврши неоснован поврат на ДДВ во износ од 86.000 евра.

Во текот на предистражната постапка, Финансиската полиција утврди дека во книговодството на Друштво за обезбедување на имот и лица Секјурити – М.К. - Агенси од Прилеп по налог на пријавениот Љ.К(54) извршени се и други малверзации со кои дополнително е оштетен Буџетот на Република Македнонија по основ на неплатен Данок на добивка за износ од околу 24.000 евра.

Пријавениот Љ.К(54) од банкарската сметка на правниот субјект Секјурити – М.К. - Агенси, подигнал парични средства во готово во износ од 400.000 евра и истите противправно ги присвоил за себе и за свои лични цели, при што за истите не поседува и не доставил материјална документација во сметководствената евиденција, за начинот на нивното користење, односно документација со која би се оправдало користењето на паричните средства за стопански цели, на кој начин не пресметал обврска и не уплатил персонален данок на доход во износ од 40.000 евра.

Како резултат на малверзациите сторените од пријавениот Љ.К(54), Буџетот на Република Македонија е покус за износ од вкупно 150.000 евра, кои средства пријавениот си ги искористил за свои и за потребите на неговата фирма.

Управата за финансиска полиција постапката за откривање и документирање на случајот ја спроведе во соработка со Управата за јавни приходи.

 

 

17.09.2014 - 13:35


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега