Младата македонска репрезентација доби нов селектор

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) денеска го промовираше Благоја Милевски во нов селектор на репрезентацијата на Македонија до 21 година.Благодарност до федерација за укажаната доверба. На најпрофесионален начин ќе ја извршувам функцијата и се надевам дека заеднички ќе се трудиме да имаме успех во квалификациите. Оваа репрезентација има потенцијал и квалитет, имаме доволно време до следниот квалификациски циклус да го формираме костурот на селекцијата од која сите ние ќе бараме подобри резултати. Нашата основна задача ќе биде да направиме добра атмосфера, да сфатиме дека репрезентацијата треба да биде главната цел на сите, истакна Милевски на денешната прес конференција.Во следните квалификации тој очекува поуспешни резултати.Се наоѓаме во процес на создавање нов тим, но се надевам дека ќе бидеме многу поуспешни во следните квалификации, рече Милевски.Дебито на новата функција Милевски ќе го има на 13 октомври кога на Националната арена „Филип Втори“ во пријателски натпревар гостува Романија. Селекторот на репрезентацијата дополни дека во консултација со предводникот на А репрезентацијата ќе одлучува за играчите кои можат да настапуваат за младата репрезентација, а се наоѓаат во плановите и на селекторот на најдобриот состав.Не се откажуваме од играчите кои имаат квалитет и потенцијал за големи работи. Ќе биде повикан и Давид Бабунски, ќе разговараме со сите, ќе ја претставиме нашата програма и се надевам дека заеднички ќе дојдеме до единствениот разумен заклучок, а тоа е дека репрезентацијата и дресот со државниот грб мора да биде над сите други интереси, потенцира новиот селектор.

18.09.2014 - 15:20


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега