Самарас и Меркел ќе разговараат за Македонија

Грчкиот премиер Андонис Самарас следната недела во Берлин ќе се сретне со германската канцеларка Ангела Меркел.

Со најавата на средбата, грчките медиуми почнаа да шпекулираат и за можните теми на разговор меѓу премиерите на Грција и Германија, јави дописникот на МИА од Атина.

Весникот „Елефтеротипија“ пишува дека покрај тоа што е најавено оти на работниот ручек ќе се разговара за економската ситуација во Грција, на маса ќе бидат и прашања од европската и надворешната политика.

- Второто (надворешната политика), со оглед на притисокот кој Берлин во последно време го врши за интеграција на Скопје во НАТО и ЕУ без претходно да се реши прашањето за името, покренува прашања. Атина секако, не признава дека на средбата ќе има таква тема, а сигурно ќе се дискутира и за кризата во Украина, пишува „Елефтеротипија“.

Средбата на Самарас со Меркел се оценува како еден од најважните состаноци за време мандатот на грчкиот премиер, и е со цел да најде заеднички став со германската канцеларка по прашањето за грчката програма за реформи и дополнително олеснување на долгот на Атина.

Во Берлин средбата е најавена како „рутинска“.

19.09.2014 - 09:14


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега