РК Вардар против Нексе во СЕХА лигата

Ракометарите на Вардар во недела вечер играат натпревар од СЕХА лигата последен пред настапот годинава во Лигата на шампионите. Ривал на „црвно-црните“ ќе им биде хрватската екипа Нексе, која изминативе сезони постојано е на чекор до влез на „Ф4“ турнирот во ова натпреварување.

- Желба ни е да одиграме добар натпревар. Добро и квалитетно работевме деновиве во пресрет на стартот од Лигата на шампионите. Нексе е добар тим, со квалитетни играчи на бековските позиции, како и добри пикери. Воглавно играа добро во првите 15-20 минути – истакна на денешената прес конференција тренерот на Вардар Раул Гонзалез.

Капитенот Филип Лазаров очекува уште еден натпревар во кој, тој и соиграчите на крајот ќе запишат нови бодови.

- Нексе е редовен учесник во СЕХА лигата и знаат да одиграат добри натпревари. Но, со сериозен пристап на домашен терен во недела треба да постигнеме победа, изјави Лазаров.

Во редовите на Вардар, неизвесен е настапот на засилувањето Блаженко Лацковиќ, кој има повреда и утрешниот тренинг ќе биде за него тест дали ќе игра во недела, но тренерот Гонзалез напомена дека овој натпревар е можеби рано за негов настап, а очекува да игра против Цеље во Лигата на шампионите следниот викенд.

Натпреварот Вардар – Нексе се игра во недела со почеток во 20:15 часот во салата во СРЦ „Кале“.

Вториот наш претставник во ова натпреварување шампионот Металург утре (почеток 16 часот) ќе гостува кај лидерот на табелата унгарски Веспрем.

19.09.2014 - 14:08


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега