Македонија прв пат на саемот на книга во Гетеборг

 

Македонската литература и култура годинава со свој штанд ќе биде претставена на јубилејниот, 30-ти Саем на книгата во Гетеборг, Шведска, што се одржува 25 до 28 септември.

Саемот е прв по посетеност во скандинавските земји и втор по франкфуртскиот во Европа. На него се промовираат национални литератури и се нудат автори од целиот свет, а во фокусот се авторските права.

Очекуваме нашето учество да привлече големо внимание и да се остварат првични контакти за превод на македонска литература. Приоритетно место во претставувањето ќе имаат литературата и издаваштвото, но ќе биде презентирана и културата воопшто, културното наследство, културната историја, културниот туризам, рече Нове Цветаноски денеска на прес-конференција.

Штандот, додаде, ќе биде уреден во препознатлив амбиент, со македонски национални белези и традиции.

„Македонско пладне“, поетска средба, изложување дела од македонски автори преведени на шведски јазик и дела од шведската литература преведени на македонски, промоција на понови изданија, но и на 130 тома македонска книжевност, претставување на најквалитетната и најрепрезентативната понова издавачка продукција, дела од уметничката литература, монографски, научни, историски и културни вредности, како и на културното наследство,..., се само дел од планираните активности за промовирање на Македонија.

Изготвен е и специјален каталог во кој се претставени 20 современи писатели од Македонија. Од нив четворица, Луан Старова, Венко Андоновски, Лидија Димковска и Ивица Челиковиќ, ќе бидат присутни на Саемот.

Станува збор за избор на прозаисти кои се истакнуваат со својот творечки интензитет и квалитет во најновата македонска книжевна продукција, посебно во 21 век. Првенствено се застапени романсиери, активни автори, посочи Цветаноски.

Повеќе од десет еминентни шведски писатели, меѓу кои и нобеловец, потврдиле дека ќе го посетат македонскиот штанд со оглед дека во текот на четирите саемски денови се предвидени низа средби.

Македонија покажува сериозна зрелост во промовирањето на културното наследство, во оваа насока прави историски напор и тоа треба да се почитува, нагласи академик Луан Старова, поздравувајќи ги организацијата и поддршката за учество на Саемот зад кои стојат „Македоника литера“ и Министерството за култура.

И Старова очекува ефект од претставувањето на Македонија на Саемот зашто, како што истакна, понудата е релативно силна. Тој е особено задоволен што на македонските автори им се дава ваква шанса.

По завршувањето на Саемот, дел од книгите што ќе ги носи македонската делегација ќе им бидат отстапени на македонското друштво „Гоце Делчев“ кое веќе има една мала библиотека, и на Градската библиотека – Гетеборг.

Саемот на книгата во Гетеборг просечно го посетуваат 100.000 лица. Освен можноста да се видат делата од најновите светски продукции, дозволено е и учество на преку 400 семинари, трибини, промоции. Притоа, за секоја од нив билтетите се плаќаат, од 25 до 50 евра.

19.09.2014 - 14:20


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега