Четири фирми сакаат да ги набават новите возила на МВР

На објавениот тендер на Министерството за внатрешни работи за набавка на 100 моторни возила во полициска изведба стигнале понуди од четири фирми.

Се работи за четири фирми кои се од Скопје и тоа „Автонова“ која понудила возило „ситроен Ц1Икс“, „Еуроимпекс“ со понуда на возило марка „пежо 107 акцес“, „Порше Македонија“ со „шкода сити гоу“ и „Автомакедонија“ со возило „шевролет спарк“.

Првичната понудена вкупна цена на возилата се движи од 47 милиони денари до 65 милиони и 800.000 денари.

- По отворањето на понудите, Министерството за внатрешни работи ќе отпочне со евалуација на пристигнатите понуди и ќе се работи на утврдување дали тие ги задоволуваат сите претходни услови пропишани со јавната набавка. Компаниите што ги задоволуваат тие услови ќе бидат известени за терминот за одржување на електронската аукција, на која ќе се наддаваат. Основен услов за добивање на тендерот ќе биде најниската понудена цена на јавната аукција, изјави портпаролот на МВР Иво Котески.

Минатата година МВР по пат на јавен тендер набави 150 возила „шкода јети“. Возилата за кои сега е објавен тендер не беа набавени тогаш зашто, рече Котески,  се работи за различна спецификација и зашто согласно со потребите што ги имало МВР, со тогашниот тендер биле набавувани возила со погон на сите четири тркала.

 

најчитано сега