Иванов: Македонија да биде пример за пристојно навивање на спортските терени

Македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов кој е покровител на проектот „Социјална и етничка интеграција преку спортот“ денеска присуствуваше на спортско-културна манифестација во Кавадарци.

На манифестацијата децата преку најразлични игри и работилници учеа за спортскиот бон тон.

- Сведоци сме на немили настани на спортски натпревари  кај нас и во светот и затоа е пожелно младите да учат како да се однесуваат како навивачи и како натпреварувачи. Ние сме мултиетничко и мултијазичко, мултирелигиозно  општество и преку ваквите проекти младите се запознаваат и учат едни за други. Тоа придонесува за општата атмосфера во земјата. Сакаме Македонија да биде позитивен пример за тоа како треба да се биде пристоен на спортските терени, но и надвор од нив, истакна Иванов.

Американскиот амбасадор Пол Волерс нагласи дека ваквите активности имаат за цел поттикнување на толеранцијата и почитта кон другите, без разлика на расата, општествената класа или религија.

Проектот продолжува уште во шест други општини каде што младите ќе учат како да се однесуваат во спортот, но и во секојдневниот живот. По Кавадарци, тој ќе се реализира во скопската општина Аеродром, во Валандово, Дебар, Росоман, Теарце и Центар Жупа. Носител на проектот е Здружението за развојни иницијативи -Геостратешки институт „Глобал“. Проектот е поддржан од Амбасадата на САД, а покровител е претседателот Ѓорге Иванов. 

најчитано сега