МВР: Кумановски службеник барал 1000 евра мито за да спаси дивоградба

Триесет и осумгодишниот В.Б. кој бил раководителот на секторот за правни, имотно-правни работи и општи работи во Општина Куманово завчера беше уапсен од страна на полицијата , поради сомнение дека барал од граѓанин 1.000 евра за да посредува за поништување решение за легализација на дивоградба, информираше портпаролот на МВР Иво Котевски.

Според полицијата, при постапка за легализација на доградба на куќа е извршен инспекциски надзор од Секторот за урбанизам и градежништво во Куманово и на кумановецот му било соопштено дека треба да потпише решение за уривање на доградбата, за кое тој не се согласил и не го потпишал.

- Под закана дека доградбата од куќата ќе биде срушена од страна на секторот за градежништво  во општината, според досега документираните сознанија на полицијата, пријавениот од граѓанинот побарал 1.000 евра за да му посредува и да издејствува да се поништи наводно изготвеното решение за уривање  на бесправно изградената доградба. Граѓанинот на осомничениот првично му исплатил 600 евра. Оттогаш до 25-ти овој месец осомничениот неколкупати му се јавил на телефон и ги барал и останатите 400 евра за да ја среди работата како што велел односно да посредува при легализација на дивоградбата. На 25-ти овој месец граѓанинот го пријавил случајот, а  вчера телефонски договориле средба со општинскиот раководител  во угостителски објект во Куманово каде требало да ги прими останатите пари. Осомничениот на средбата ги зел преостанатите 24.000 денари коишто претходно биле технички обработени, по што полицијата го уаспила - рече Котевски.

МВР против осомничениот ќе поднесе соодветна кривична пријава и ќе биде процесуиран  пред надлежниот судија.

29.09.2014 - 11:21

 


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа