Ветените проекти приоритет за Владата
Ние првенствено сме фокусирани на реализација на проектите. Тоа е нашиот поттик, бидејќи заради тоа ја добивме довербата. Ние сме секогаш за дијалог, добро е да се вратат во институциите, но дијалогот да биде на принципиелни основи, да не се поставуваат барања кои практично ќе ја доведат во прашање демократијата и изразувањето на слободната волја нa граѓаните на избори.
Ова е ставот на министерот за здравство Никола Тодоров искажан при гостувањето во вестите на Алфа телевизија, одговорајќи на прашањето дали е оптимист дека преговорите со опозицијата ќе отпочнат. Тодоров нагласи дека Македонија имала слободни и фер избори на кои владејачката гарнитура добила сериозно мнозинство, добила доверба да ги спроведе проектите кои се ветени во програмата.
-Главните приоритети на Владата се поврзани со главните проблеми на граѓаните. Најголемиот фокус секако е на економијата и на отворање нови работни места. Податоците генерално покажуваат дека постигнавме одличен резултат. Во првиот семестар од годината постигнавме најдобар резултат во Европа, што сериозно е во фунција на подобрување на економската состојба, рече Тодоров.
Тој нагласи дека до крајот на годината извозот само од ТИРЗ-овите во Македонија ќе надмине износ од една милијарда евра, што е податок кој говори дека во Македонија се отворија фабрики кои што произведуваат и се извозно ориентирани
-Тоа е прилично различна ситуација од она што го имавме претходно кога не можеше да се наброи ниту една фабрика која што е отворена во Македонија како резултат на некоја странска инвестиција, рече Тодоров.
Зборувајќи за реализираните проекти во неговиот ресор, Тодоров рече дека во програмата биле ветени 79 проекти, од нив 9 се комплетно реализирани во првите 100 дена, 12 проекти се реализирани кои што воопшто не биле во програмата и 45 проекти се во тек на реализација или при крај на реализација.
-Се заврши комплетно реконструкцијата на поликлиниката Букурешт, комплетно се заврши реконструкцијата на здравствениот дом во Крива Паланка. Во финална фаза е отворањето на Центарот за спирална хирургија, како и инфраструктурниот зафат во делот на државната кардиохирургија. Исто така многу активно работиме и на двата капитални проекти, едниот е изградба на Клиничка болница во Штип, а вториот е Клиничкиот центар во Скопје, рече Тодоров.
Целосното гостување на министерот Тодоров во вестите на Алфа погледнете го во видеото...
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа