Вујовиќ: Во Македонија имам илјадници пријатели

Вчеравечер во Скопје пред почетокот на натпреварот од СЕХА лигата меѓу Вардар и Загреб,  во прекрасна атмосфера беше поздравено доаѓањето на теренот на Веселин Вујовиќ од страна на навивачите присутни во салата.

На прес конференцијата по дуелот Вујовиќ не го криеше задоволството од пречекот во Скопје.

- Ова за мене беше специјален натпревар. Се трудев да ги задржам емоциите. Она што го доживувам во Скопје не верувам дека некој спортист или тренер може да го доживее некаде. Не очекував ваков дочек. Мислев дека тој прв аплауз ќе трае 15 секунди и толку. Затекнат бев и јас и сите луѓе околу мене дека тоа траеше 10 -15 минути. Не учествуваа само Комити, туку цела сала. Ова потврдува дека во Македонија имам неколку илјади пријатели, изјави тренерот на Загреб.

За поразот Вујовиќ смета дека е последица од тешкиот дуел викендот со Кил.

- Вардар имаше постојано водство, но Загреб беше тука за да го направи натпреварот интересен. Моите играчи по победата во неделата над Кил во Лигата на шампионите беа физички и психички истрошени, потенцира популарниот „Вујо“.

Тренерот на Вардар Раул Гонзалез ја нагласи важноста на победата.

- Загреб играше одлично против Кил пред се во одбраната, што не беше и на овој дуел. Ние сменивме нешто и затоа бевме поуспешни. Верувам дека и на Вујовиќ како и мене важни ни се натпреварите од Лигата на шампионите и затоа овие дуели се добредојдени.

За Немања Прибак немаше дилеми околу победникот на дуелот.

- Мислам дека сме поквалитетна екипа од Загреб. Пред оваа публика и во ваква атмосфера треба ние да имаме слаб ден, а Загреб да одигра најдобро за да не победи. Тоа не се случи. Бевме и заморени, тоа се почувствува на крајот, но најважно е дека победивме и не очекува нов натпревар од Лигата на шампионите.

01.10.2014 - 09:49

 


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега