Со иновацијата ЕКО66 до почист воздух

Министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири и ректорот на Државниот универзитет во Тетово, проф. д-р Вулнет Амети денеска присуствуваа на теоретскиот дел на промоција на Турската иновација ЕКО66, која се одржа на ДУТ. Се работи за изум кој овозможува заштеда од 30 отсто на потрошувачката на гориво за сите видови на мотори со внатрешно согорување.

Иновацијата ЕКО66 е изум на Талат Молаоглу. Тестирањата веќе го потврдија еколошкиот придонес на изумот и дадоа охрабрувачки почетни резултати и уредот веќе се извезува во повеќе од дваесет држави низ светот.

Како што соопштуваат од Министерството за животна средина и просторно планирање, оваа нова надградба на моторите со внатрешно согорување доаѓа во вистинско време кога поголемите, но веќе и помалите градски центри се соочуваат со високи концентрации на штетни честички и недозволено големи количества на јаглероден диоксид. Со овој по форма мал, но ефективен уред од глобално значење треба да има почист воздух во градските средини.

Препознавајќи ја важноста на изумот, Министерството за животна средина и просторно планирање заедно со професорите од Државниот универзитет во Тетово пристапија кон промоција на овој важен еколошки изум, со чија масовна употреба се надеваат дека значително ќе се намали концентрацијата на ПМ10 честичките и ЦО2 кои се присутни во атмосферата.

- Уверен сум дека овој проект со неговата масовна употреба ќе придонесе за значително подобрување на состојбите со  квалитетот на амбиенталниот воздух во урбаните градски средини како на локално така и на глобално ниво, истакна Изаири.

Утре на Државниот Универзитет во Тетово ќе се одржи и практично претставување на  функционирањето на изумот ЕКО66.

02.10.2014 - 18:01

 


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа