Грците бесни - не стивнуваат реакциите за говорот на Венизелос

 

Грчките политичари се уште се занимаваат со говорот на министерот за надворешни работи Евангелос Венизелос на Генералното собрание на ОН во кој тој ја потврди добро познатата позиција на Грција за името на Македонија.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, овој пат се огласи лидерот на Христијанско демократската партија Никос Николопулос кој рече дека „Венизелос го призна Скопје под името Македонија“.

Со тоа што Венизелос рекол дека ставот на „Грција е сложено име со географска одредница пред зборот Македонија, за сите намени“, според Николопулос  „фрлил бомба, создал опасен преседан, и ги превртува постоечките позиции дека Грција нема да признае име кое го вклучува терминот Македонија“.

- Венизелос јасно ја следи линијата на Меркел, која се ангажира за пристапување на Скопје во Европската унија и во НАТО, рече Николопулос и додаде дека и премиерот Самарас сега се занимава со националното прашање за Македонија за да ги замаскира преговорите кои ги води за уште еден меморандум (план за штедење).

- Сето ова се случуваше неколку дена по посетата на премиерот Андонис Самарас на Берлин и неговата средба со германската канцеларка Ангела Меркел, која се ангажира за пристапување на Скопје во НАТО и ЕУ, и спроведување на барањата на Американците, кои Костас Караманлис скапо ги плати на Самитот на НАТО во Букурешт кога рече ’не’. Овие барања сега изгледа ги прифати и коалицијата и Самарас – Венизелос, изјави Николопулос.

Според него, владината коалиција не и наштетува на Грција само внатре, туку исто така, создава сериозни падови во грчката надворешна политика."

Поранешниот пратеник на Нова демократија Никос Николопулос ја основа Христијанско демократската партија на Грција во мај минатата година. Во грчкиот Парламент од ноември е дел од групата „независни демократски пратеници“ чии членови се независни пратеници.

По говорот на Венизелос во ОН реагираа повеќе грчки политичари по што грчкото Министерството за надворешни работи издаде соопштение во кое потсети на грчките ставови „со оглед на тоа што некои екстремни кругови се прават дека не знаат ништо или се изненадени што дознаваат сега, од говорот на министерот за надворешни работи на овогодинешното Генерално собрание на ОН“. 

07.10.2014 - 12:41


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа