Вкусни пити и многу музика - стартува Питијадата во Велес

„Велешка Питијада 2014“ годинава ќе се одржи по 11 пат на 10, 11 и 12 октомври, најави на прес-конференција градоначалникот Славчо Чадиев.

Локацијата по барање на угостителите ќе биде на просторот пред кафетериите на улица „Благој Ѓорев“, но со многу подобра организација на просторот. Тоа, смета тој, ќе овозможи сите гости и учесници да имаат подеднакови услови, да се зачува зеленилото на тротоарите, а во истовреме да се овозможи слободно движење на гостите.

- Интересот за учество на оваа манифестација годинава е многу поголем како од производители на пити, така и од винарии затоа што питата и виното секогаш одат заедно. Досега има пријавено 30-тина учесници од Велес и регионот, прозводители на пити и винарии. Учесниците од регионот се винарии од општините од Вардарскиот плански регион. Бројката на учесници се уште е отворена и подготвени сме да обезбедиме штанд за секој учесник,истакна градоначалникот Чадиев.

Во музичкиот дел ќе настапат Миле Кузмановски и Наум Петревски со група „Виртус“, Ефто Пупиновски, Блага Петреска со групата „Академци“ и Нино Величковски со „Кумановски тамбураши“.

07.10.2014 - 14:44


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа