ФЗОМ: ЈЗУ работат ефикасно и економично

Јавните здравствени установи, особено универзитетските клиники и болниците бележат подобрувања во финансиското работење за првото полугодие на 2014 година, констатираа финансиските контроли на Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ) .

Како што соопштија од ФЗОМ, со извршените контроли утврдени се подобрувања во работење на ЈЗУ во делот на зголемен степен на одговорност кај менаџментот на контролираните јавни здравствени институции, поефикасна сметководствена евиденција преку воведување на софтери за материјална и финансиска евиденција, полесен и транспарентен начин на фактурирање, подобрување на механизмите за внатрешна контрола во делот на раководење со постапки за јавни набавки и реализација на договорите, исплата на обврски според датум на доспевање и без преферирање на добавувачи, поголема евиденција со цел домаќинско трошење на средствата, поефикасно и поефективно се раководат со расположливите ресурси...

- Тимовите на финансиска контрола на Фондот за здравствено осигурување на Македонија извршија 286 финансиски контроли во сите 112 јавни здравствени установи во Република Македонија. Во првото полугодие на 2014 година, поголем фокус на финансиска контрола беше начинот на спроведување на постапките за јавни набавки. Во наредните финансиски контроли ќе се продолжи со контрола на спроведување на постапките за јавни набавки, се наведува во соопштението.

Според ФЗОМ, со финансиската контрола и согледување дали трошењето на средствата е домаќинско, се утврдува дали институциите во своето работење се ефикасни и економични. Финансиската контрола обезбедува проток на информации од Фондот кон ЈЗУ и обратно се што се постигнува едукативна функкција. Оваа соработка, појаснуваат од ФЗОМ, овозможува јавните здравствени установи да се стекнуваат со сознанија за корекција и добиваат сет препораки за подобрување на детектираните сегменти во работењето.

07.10.2014 - 15:00
Фото: 
канал5


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа