Во пробиштипското село Ратавица отворен Центар за ран детски развој

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов и градоначалникот на општина Пробиштип, Тони Тоневски денеска во селото Ратавица го пуштија во употреба Центарот за ран детски развој, каде 14 деца неколку часа во денот ќе учествуваат во организирана програма за рано учење.

- Центарот за ран детски развој го отвараме во соработка со УНИЦЕФ. Ова е 25-тиот центар, кој се отвара во рурални населени места и е дел од новиот систем за заштита на децата во Република Македонија. Досега во соработка со УНИЦЕФ се отворени 24 центри за ран детски развој, кои значително помагаат во создавање и зголемување на постоечките капацитети на детските градинки, кои што опфаќаат згрижување на децата од предучилишна возраст, вели Спасов.

Родителите од пробиштипското село Ратавица нема да плаќаат надоместок за престој и за потрошени материјали за нивните деца додека тие ја посетуваат оваа програма.

Министерот Спасов при денешната посета на Пробиштип го посети и Центарот за социјални работи, кој пред неполн месец целосно беше реновиран, со што се подобрија условите за работа на администрацијата, но и за корисниците на социјални услуги, кои секојдневно бараат помош. 

07.10.2014 - 16:17


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега