Сите патишта водат кон Велес - еве зошто!

Природно е кога ќе се спомене Велес да Ви се создаде асоцијација на пита пастрмајлија и црвено вино. Во чест на питите и виното во Велес по единаесетти пат се одржува Фестивал на питите и виното „Питијада“. Питата мириса на дом, има моќ да Ве зближи и да создаде пријатна, топла атмосфера, буди спомени на минатото, традицијата и историјата, се поврзува со наследството.

Велешани се горди на питите пастрмајлии и не постои велешко семејство без оглед на кој дел од земјината топка се наоѓа, без оглед на возраста, што не знае да подготви пита пастрмајлија и што не ја јаде со уживање. Тоа е и вистинската причина што овој специјалитет се одржува со векови.

Пишаниот документ со која располага Општина Велес за питата пастрмајлија како автохтон производ датира од 1869 година и се наоѓа во цариградските архиви. Истите записи укажуваат дека во тоа време во Велес се произведувале по 150.000 оки домашно вино годишно. Затоа и денес питата и виното не одат едно без друго.

Општина Велес питата пастрмајлија како свој бренд ја слави како најголем гастрономски специјалитет. Во нејзина чест и во име на традицијата годинешната питијада е најмасовната манифестација што ја организира општината. Три дена угостителите неуморно ќе работат да ги пречекаат сите гости што ќе го посетат Велес на 10, 11 и 12-ти октомври.

-Покрај пита и вино ќе ги почестиме и со одлична музичка програма. Во музичкиот дел ќе настапат – првата вечер на 10.10 (петок) од 18:00 часот Миле Кузмановски и Наум Петревски со група „Виртус“,  Ефто Пупиновски, Блага Петреска со групата „Академци“ и Нино Величковски со „Кумановски тамбураши“.На 11.10 (сабота – во вечерните часови ќе настапи  популарниот млад изведувач Маид, домашната рок група „Ареа“ и „Прљаво казалиште“ – хрватскиот бенд што не се симнува од првите места на балканската естрада, велат организаторите.

На 12,10. (недела) од 18:00 часот бината е резервирана за  Дани, Александар Тарабунов, Маја Вукичевиќ и Бени Шакири со групата „Нон-стоп“ чиј настап и официјално ќе ја заокружи годинешната манифестација. Се разбира дека преку цел ден ќе биде организирана програма со велешки естрадни уметници  од петок од 12:00 часот па до недела до 18:00 часот.

Во име на традицијата повелете да уживате овие 3 дена со вкусна пита, добро вино и добра песна! Велес Ве очекува!, покануваат организаторите.

07.10.2014 - 20:51


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа